Иран и Соединетите Држави се далеку од постигнување договор за ставање крај на војната, изјави во вторникот за Ројтерс еден висок ирански функционер, по синоќешните американски напади врз ирански цели.
Во текот на ноќта, САД извршија „одбранбени“ напади врз иранскиот остров Кешм; американски претставник изјави дека целите биле противвоздушни ракети кои биле користени против американските сили.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда соопшти дека во текот на ноќта соборила американско беспилотно летало од типот „MQ-9“ над источниот дел на Ормускиот теснец.
„Посредниците интензивно работат на намалување на разликите меѓу Техеран и Вашингтон“, изјави високиот ирански функционер, откако во понеделникот вечерта во Техеран пристигнаа катарски посредници за разговори во врска со нацрт-договорот меѓу САД и Иран – документ за кој се преговара во изминатите осум дена.
„Условите на Техеран мора да бидат исполнети доколку САД сакаат повторно да се отвори Ормускиот теснец“, предупреди иранскиот функционер, додавајќи дека преговорите за нуклеарното прашање би можеле да започнат дури потоа, како и дека Техеран нема да прифати „прекумерни барања“ од Вашингтон.
Мохамад Багер Галибаф, претседателот на иранскиот парламент, во вторникот изјави дека сега топката е во полето на САД, откако Техеран му доставил „цврст и рационален одговор“ на Вашингтон.
Високиот ирански функционер за Ројтерс изјави дека Техеран одлучно ќе одговори на американските напади – како во регионот, така и надвор од него.
„Непријателот се обидува да го принуди иранскиот народ на покорност преку закани и воени дејствија, но длабоко греши; Иран нема да се покори“, рече Галибаф во вторникот, додавајќи дека одговорот на Техеран на каква било погрешна проценка од страна на САД ќе биде непредвидлив и нема да биде ограничен со географски граници.
Во понеделникот, американскиот претседател Доналд Трамп изрази сомнеж дали навистина ќе ги спроведе претходно најавените воени напади врз Иран по изборите за Конгресот, додавајќи дека верува оти Техеран сака да постигне договор што е можно поскоро.