Израелскиот амбасадор во Германија, Рон Просор, по изборната победа на партијата „Левица“ (Die Linke) во Берлин, изјави дека еврејската заедница во градот се соочува со егзистенцијална закана поради наводната блискост на одредени фракции во рамките на партијата со антисемитски сили.
Ќе добие ли Берлин не-германка од турско потекло за градоначалник
„Големиот успех на партијата ’Левица‘ во Берлин мора да го загрижи секој кому му е грижа за продолжувањето на еврејскиот живот во овој град“, рече Просор.
Тој истакна дека антисемитизмот присутен во партијата добил сосема нова димензија по изборната победа на „Левица“.
„Теоретската закана за еврејскиот живот во Берлин сега прерасна во конкретна и непосредна егзистенцијална закана“, рече Просор.
Еврејските заедници претходно предупредуваа на врските меѓу одредени фракции на берлинската „Левица“ и антисемитски или пропалестински сили.
Партијата „Левица“ освои 25 отсто од гласовите на изборите за берлинскиот покраински парламент, станувајќи најсилна партија.
„Левица“ се соочи и со критики бидејќи симпатизери и соработници на забранети терористички организации, како што е Народниот фронт за ослободување на Палестина (PFLP), се појавија на партиските прослави по изборите.
За време на изборната кампања, Јозеф Шустер, претседател на Централниот совет на Евреите во Германија, ја обвини „Левица“ дека ја преминала границата кон антисемитизам.
На неколку предизборни собири на „Левица“ – особено во берлинската општина Нојкелн, каде што живее бројно население со арапско потекло – се извикуваа антисемитски пароли и се упатуваа повици за интифада. Потенцијалните коалициски партнери на „Левица“ во Берлин – Социјалдемократската партија на Германија (SPD) и Зелените – побараа партијата јасно да се огради од антисемитските струи како предуслов за каква било идна соработка.
„Левица“, како директен наследник на владејачката партија SED од Источна Германија, би можела да се соочи и со тешкотии при наоѓањето коалициски партнери поради едно од централните барања во нејзината кампања: национализација на станбените единици кои некогаш ѝ припаѓале на државата, а сега се во сопственост на компании за недвижности.