Свет

Мерц: Заврши ерата на „Pax Americana“

Европа мора да се потпре на себе

Говорејќи синоќа на конгресот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) во Минхен, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека периодот на таканаречената „Pax Americana“, поредокот воспоставен по Втората светска војна, во кој Соединетите Американски Држави беа главен гарант на европската безбедност, во голема мера е завршен.

Тој ги предупреди европските држави да не сметаат дека американската надворешна политика ќе се врати на поранешната предвидливост по заминувањето на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, нагласувајќи дека стратешките приоритети на Вашингтон се менуваат веќе подолг период.

„Трамп не се појави преку ноќ, ниту пак американската политика ќе се промени преку ноќ“, истакна Мерц, додавајќи дека идните американски администрации би можеле да покажат уште помал степен на посветеност кон безбедноста на Европа.

Германскиот канцелар ги повика европските земји да се потпрат повеќе на сопствените капацитети, да ги зајакнат независните одбранбени способности и да работат на поголема стратешка автономија во рамките на Европа.

Во исто време, Мерц предупреди на опасноста од прекумерни отстапки кон Москва во обидите да се стави крај на руската агресија врз Украина, оценувајќи дека политика на попуштање само би ги зајакнала амбициите на Кремљ.

Тој истакна дека рускиот претседател Владимир Путин нема да застане само на Украина и предупреди на обиди за прекројување на европските граници и повторно воспоставување контрола врз поранешните советски територии, што, како што нагласи, претставува долгорочна закана за безбедноста на Европа.

Најнови вести од: Свет

На повеќе од 27 илјади лица им е одбиен влез во ЕУ преку новиот систем за гранична контрола!

Од почетокот на етапното воведување на новиот систем за гранична контрола во Европската Унија лани во октомври, на над 27.000 лица им бил одбиен влезот во блокот, соопшти денеска Европската комисија. Меѓу лицата на кои им е забранет влезот, околу 700 претставувале директна закана за безбедноста.

Печатите во пасошите одат во историја: ЕУ од денеска воведува дигитална евиденција за влез и излез

Иако EES е замислен како модернизација на граничниот систем, првите денови покажуваат дека транзицијата нема да помине без нервоза, подолги чекања и потреба од прилагодување.

To top