Не постои правна или уставна пречка што би го спречила турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повторно да се кандидира за функцијата.
Ова го изјави Абдулхамит Ѓул, заменик-претседател на пратеничката група на Партијата за правда и развој (АКП), како што пренесува весникот Бирѓун.
„Цврсто веруваме дека одлуката на нашиот парламент ќе ги исполни очекувањата на јавноста претседателот повторно да се кандидира и да биде избран“, додаде тој.
Абдулхамит Ѓул одржа прес-конференција во Сакарја во рамките на иницијативата за средби под мотото „Векот на Турција“. Тој изјави дека сите гласачи кои ја поддржале АКП сакаат „Таип Ердоган да остане на чело“ и истакна дека дури и оние што не ја поддржале партијата сметаат оти „поради глобалните конфликти и предизвици, претседателот Реџеп Таип Ердоган треба повторно да ја води земјата – нека се кандидира, а ние ќе гласаме за него“.
„Една од клучните точки на консензус во нашето општество е дека нашиот претседател треба да го продолжи својот пат како шеф на државата и да ја води Турција кон уште посилна лидерска позиција“, рече Ѓул.
Тој понатаму изјави дека на Турција ѝ е потребен нов, граѓански устав.
„Верувам дека ова барање и очекување на нашиот народ ќе наиде на одговор и во нашиот славен парламент. Цврсто веруваме дека одлуката што ќе ја донесе парламентот ќе ги исполни очекувањата на нашиот народ претседателот повторно да се кандидира и да биде избран за шеф на државата“, рече тој.