Свет

Путин со „список барања“ за постигнување мир во Украина

Русија да се откаже од мали делови од окупирана Украина, а Киев за возврат да отстапи големи делови од источниот дел на земјата што Москва не успеа да ги освои

Тоа е рамката на мировниот предлог што го дискутираа на самитот во Алјаска рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, според извори на Ројтерс запознаени со понудата на Москва.

Овој опис на состанокот се појави еден ден откако Путин и Трамп се сретнаа во воена база во Алјаска, првата средба меѓу американски претседател и шеф на Кремљ од почетокот на војната во Украина.

Трамп рече дека самитот не го постигнал прекинот на огнот на кој се надевал, но во интервју за Фокс њуз рече дека со Путин разговарал за трансфер на територија и безбедносни гаранции за Украина и дека „во голема мера се согласиле“.

„Мислам дека сме многу блиску до договор“, рече Трамп, додавајќи: „Украина мора да се согласи. Можеби ќе кажат „не“.“

Според два извори, понудата на Путин се базира на разговори меѓу европските, американските и украинските лидери, но не е јасно дали станува збор за почетна позиција или практично конечна понуда.

Визијата на Путин за договорот исклучува прекин на огнот пред да се постигне сеопфатен договор, што е спротивно на барањето на Киев.

Според руската понуда, Украина целосно би се повлекла од Донецк и Луганск, а за возврат, Русија би се согласила да ги замрзне фронтовските линии во јужните региони Херсон и Запорожје, велат изворите.

Киев претходно отфрли каква било идеја за повлекување од Донецк, каде што украинските сили се добро зацврстени и каде што градот служи како клучна одбранбена бариера.

Изворите тврдат дека Москва би била спремна да врати релативно мали делови од територијата што ја држи во северна Сума и североисточен Харков – вкупно околу 440 квадратни километри.

За споредба, Украина контролира околу 6.600 квадратни километри од Донбас, што ги вклучува Донецк и Луганск и што Русија го смета за своја територија.

Путин, исто така, би побарал барем формално признавање на руската власт над Крим, кој го анектираше во 2014 година. Не е јасно дали тоа признавање треба да дојде само од САД или од сите западни земји и Украина.

Москва, исто така, очекува укинување на барем дел од санкциите.

Путин би го блокирал влезот на Украина во НАТО, но е отворен за идејата за безбедносни гаранции.

Според извори, Русија би барала и официјален статус на рускиот јазик во делови или во цела Украина, како и право на Руската православна црква слободно да дејствува.

Безбедносната служба на Украина ја обвинува црквата поврзана со Москва за помагање на руската агресија преку ширење пропаганда и засолнување на шпиони, обвинение што црквата го негира, тврдејќи дека ги прекинала врските со Москва. Украина донесе закон со кој се забрануваат религиозни организации поврзани со Русија, но тој сè уште не стапил во сила.

Најнови вести од: Свет

Зошто горивото во Германија е поскапо од остатокот на Европската Унија?!

Цените на горивата растат низ цела Европа поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, но Германија се издвојува со значително повисоки поскапувања од просекот на Европската Унија. Бензинот таму поскапел за околу 5 проценти, што е двојно повеќе од повеќето соседни земји. Главната причина не е само глобалниот раст на цената на нафтата, туку структурата на самата цена во Германија.

Лорд Рикетс до Трамп: НАТО не е за секоја војна што САД ја започнува

Американскиот претседател Доналд Трамп остро ги критикуваше членките на НАТО откако повеќето од нив одбија да се приклучат на предложената поморска коалиција за обезбедување на слободниот проток низ Ормутскиот теснец – стратешкиот теснец низ кој пред ескалацијата на конфликтот минуваше околу 20 отсто од светската нафта.

Мицкоски на Конгрес на Европската народна партија

Од партијата истакнуваат дека присуството на Конгресот ја потврдува определбата на  Македонија за европска интеграција и обезбедува можност за билатерални средби со претседатели, премиери и лидери од семејството на Европската народна партија

To top