Свет

Руски дрон навлезе во територијата на Романија

Дронот бил откриен од два авиони Ф-16, кои ја надгледувале границата со Украина

Романија потврди дека руски дрон навлегол во нејзиниот воздушен простор, со што земјата стана втора членка на НАТО, по Полска, која официјално пријави ваков упад. Настанот се случил за време на руските воздушни напади врз украинската инфраструктура на реката Дунав, потврди романското Министерство за одбрана.

Според соопштението, дронот бил откриен од два авиони Ф-16, кои ја надгледувале границата со Украина. Набљудувањето било извршено околу 20 километри југозападно од селото Чилија Вече, но дронот набргу исчезнал од радарите. Министерството нагласи дека не летал над населени места и не претставувал непосредна закана.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро реагираше, велејќи дека инцидентот „не може да биде грешка, туку очигледно проширување на војната од страна на Русија“.

Од страна на Москва засега нема официјален коментар, но Полска исто така потврди дека соборила најмалку три руски дронови кои влегле во нејзиниот воздушен простор, што дополнително ја зголеми тензијата на источниот фронт на НАТО.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, го нарече случајот „уште едно неприфатливо кршење на суверенитетот на земја-членка на Европската Унија“.

Полскиот премиер Доналд Туск објави на мрежата X дека системите за воздушна одбрана се во највисока состојба на готовност, додавајќи дека во тек се „превентивни операции на сојузничката авијација“.

Белорусија, која останува еден од најблиските сојузници на Москва, изјави дека леталата кои влегле во полскиот воздушен простор биле дел од „навигациска грешка“, предизвикана од блокирање на GPS сигналите.

Како дополнителна мерка за безбедност, Чешката Република испрати единица за специјални операции со три хеликоптери Ми-171С во Полска, подготвени за транспорт и поддршка во евентуални воздушни мисии.

Украинскиот претседател повторно ги повика западните партнери да ја заострат политиката кон Москва, нагласувајќи дека „руската војска точно знае каде се движат нејзините беспилотни летала и колку долго можат да дејствуваат во воздух“.

Во САД, претседателот Доналд Трамп изјави дека е „подготвен да воведе построги санкции кон Русија“, но само доколку земјите од НАТО се обврзат да ги исполнат условите за намалување на купувањето на руска нафта.

Руската инвазија врз Украина, започната во февруари 2022 година, продолжува да создава нестабилност во регионот. Иако Кремљ тврди дека нема намера да нападне територии на НАТО, инцидентите во Полска и Романија се сметаат за опасно приближување до линијата на директна конфронтација меѓу Москва и Алијансата.

Најнови вести од: Свет

ЕУ ризикува конфликт со САД поради гасоводот низ Босна и деловните врски на Трамп

Компанијата „AAFS Infrastructure and Energy“ е основана во ноември минатата година и не ги открива своите сопственици. Неа ја застапуваат двајца водечки членови на кампањата на Трамп за поништување на неговиот изборен пораз во 2020 година: Џеси Бинал, адвокат кој го бранеше од обвиненијата за поттикнување нереди на Капитол Хил по неговиот пораз, и Џо Флин, брат на поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател.

Што и да правам околу Иран, очигледно функционира, вели Трамп

Американскиот претседател за „Би-би-си“ упатил и критика кон Обединетото Кралство. Како што наведува медиумот Трамп го критикувал Кир Стармер но и британската влада за, како што тврди тој поради недоволниот ангажман на Блискиот Исток. Тој истакна дека Обединетото Кралство им дозволило на Соединетите Држави да ги користат своите бази само за „одбранбени“ воздушни напади, што за него тоа било недоволен придонес.

Челик го изнесе ставот на официјална Анкара: ЕУ е беспомошен играч на глобалната сцена!

Изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен за Турција како ривал на Европската Унија го покажува губењето на политичкото влијание на организацијата, изјави Омер Челик, портпарол на владејачката Партија на правдата и развојот во Турција. Анкара остро реагираше на изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, нарекувајќи ја Европската Унија „беспомошен играч“ на глобалната сцена.

To top