Свет

Судија од Хаг осуден на 15 години затвор во Русија за налогот за апсење на Путин

Покрај Карим Кан, уште осуммина судии од Меѓународниот кривичен суд добија од 3,5 до 15 години затвор од рускиот суд

Судијата на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, кој издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, денеска беше осуден во отсуство од руски суд на 15 години затвор.

Осудени се уште осум судии на Меѓународниот кривичен суд, кои, во зависност од нивните улоги, добија од 3,5 до 15 години затвор, објави Канцеларијата на генералниот обвинител на Руската Федерација.

Во соопштението се наведува дека Кан е осуден на 15 години затвор, при што првите девет години ќе ги отслужи во казнено-поправна колонија со максимална безбедност. Канцеларијата во своето образложение пишува дека Кан нелегално ги гонел руските граѓани во Хаг од февруари до март 2022 година.

Рускиот истражен комитет појасни дека меѓу осудените се судиите Томоко Акане, Росарио Салваторе Аитала, Серхио Херардо Угалде Годинез и Хајкел Бен Мафуд, како и претседателот на Хашкиот трибунал, Пјотр Јозеф Хофмански, и неговите заменици Каранца Луз дел Кармен Ибањез, Бертрам Шмит и Рене Аделаиде Софи Алапини-Гансу.

„Претседателството на Меѓународниот кривичен суд, без законска основа, им наложи на судиите на советот да издадат очигледно незаконски налози за апсење. Споменатиот обвинител и судиите на Меѓународниот кривичен суд се ставени на меѓународна потерница“, се вели во објавата на вебстраницата на Канцеларијата.

Во март 2023 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Путин и на комесарката за права на децата Марија Лвова-Белова, тврдејќи дека тие се „веројатно одговорни“ за нелегален трансфер и депортација на деца од Украина и окупираните територии во Русија.

Најнови вести од: Свет

Родители во САД го тужат Гугл: „Нашата 13-годишна ќерка Ема планираше самоубиство со помош на вештачка интелигенција!“

Родители на 13-годишно девојче го тужат Гугл, тврдејќи дека нивната ќерка ја користеше технологијата за вештачка интелигенција на компанијата, преку училиштен компјутер, за да испланира самоубиство и сопствен погреб. Тужбата, поднесена во понеделникот, на 2 ноември, пред суд во Калифорнија, се смета за прв случај во кој Гугл се обвинува за невнимание во врска со функциите за пребарување базирани на вештачка интелигенција, кои се достапни на училишните уреди „Chromebook“, пишува Euronews.

To top