Исланд ќе гласа во сабота за тоа дали да ги отвори преговорите за членство во Европската Унија, а одлуката доаѓа во време кога заканите на Трамп за преземање на Гренланд дополнително ја интензивираа дебатата за безбедноста и идната позиција на земјата.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, постојано зборува за преземање на Гренланд претходно оваа година, а во неколку наврати погрешно наместо Гренлад рече – Исланд. Ова предизвика дополнителна загриженост во земјата со околу 400.000 жители и го забрза повикот за референдум, пишува АП.
„Всушност, повеќе не можеме да им веруваме на Соединетите Американски Држави. Трамп не се шегуваше за Гренланд. Тука имаше многу страв бидејќи, ако го земе Гренланд со сила, веројатно ние сме следни“, рече писателката Хилдур Кнутсдотир, која ќе гласа за продолжување на преговорите со ЕУ.
Исланд веќе учествува во единствениот пазар на ЕУ преку Европската економска зона, е дел од Шенген и членка на НАТО.
Противниците на членството тврдат дека земјата веќе ужива во поголемиот дел од придобивките од европската интеграција без да се откаже од дел од својата автономија.
Поддржувачите на членството тврдат спротивното – дека во еден сè понестабилен свет, останувањето надвор од ЕУ би можело да стане закана за исландскиот суверенитет.
Едно од најчувствителните прашања е риболовот, важен дел од економијата и идентитетот на Исланд со векови. Противниците на членството стравуваат дека Исланд ќе мора да ја прифати заедничката политика за рибарство на ЕУ и да ги отвори своите богати риболовни зони за флотите на другите земји-членки.
Министерката за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир, која го поддржува членството, вели дека Исланд нема да се согласи на договор што би ѝ дал контрола врз својот риболов.
„Сепак, претставниците на рибарската индустрија предупредуваат дека трајното исклучување на Исланд од заедничката политика за рибарство на ЕУ би било преседан и дека нема гаранција дека Рејкјавик ќе добие таква концесија.
Исланд првпат аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година, по колапсот на неговиот банкарски сектор за време на глобалната финансиска криза.
Преговорите беа прекинати во 2013 година откако на власт дојде десноцентристичка влада, а процесот беше формално завршен во 2015 година.
Граѓаните сега нема директно да одлучуваат дали да се приклучат на ЕУ, туку само дали да ги отворат повторно преговорите за пристапување.
Доколку мнозинството гласа против, прашањето засега ќе биде затворено. Доколку мнозинството гласа за, ќе следат години преговори со Европската комисија, по што граѓаните конечно ќе одлучат за членство на нов референдум.