Американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша законот со кој се прошируваат санкциите против Русија и Иран. На американската администрација ѝ се дава можност да воведе царини до 100 отсто за земји што купуваат руска нафта и гас.
Законот, наречен „Lindsey O. Graham Sanctioning Russia and Iran Act of 2026“, беше усвоен од Претставничкиот дом на САД оваа недела, откако претходно помина и во Сенатот.
Новото законско решение му дава на Трамп овластување да воведе царини до 100 проценти за земји што се меѓу најголемите купувачи на руска нафта и природен гас. Меѓу потенцијално опфатените се Кина и Индија, како големи увозници на руска енергија.
Важно е да се нагласи дека царината од 100 проценти не се воведува автоматски со потпишувањето на законот. Претседателот има овластување да одлучи дали, на кои земји и во кој обем ќе се применат дополнителните царини.
Законот предвидува санкции против руски функционери, банки и други финансиски институции, како и против енергетскиот и одбранбениот сектор.
Опфатена е и таканаречената „флота во сенка“ – танкери и други субјекти што се користат за заобиколување на постојните санкции и ограничувања поврзани со извозот на руска нафта.
Предвидени се и одредени исклучоци за земји со ограничена зависност од рускиот природен гас што преземаат мерки за дополнително намалување на увозот.
Мерката е именувана по покојниот американски сенатор Линдзи Греам, кој беше еден од главните поддржувачи на построги санкции кон Русија.