Трамп им рече на новинарите дека би можел да прибегне кон „многу сериозни тарифи“ ако Канада стане толку интегрирана во Европската Унија што Вашингтон ќе го протолкува потегот како насочен против американските интереси. Трамп ја нарече можноста за таков аранжман „смешна“. Тој го коментираше предлогот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија. Беше објавено дека канадскиот премиерот Марк Карни, исто така, ја поддржува идејата.
Карни ја нарекува Канада „најевропската од неевропските земји“, и иако формалното членство во ЕУ може да биде незгодно, тој се стреми за блискост со блокот за да ја намали зависноста од непријателските САД. Се очекува Карни денеска за време на говор во Европскиот парламент, подетално да ја претстави својата визија за идните односи меѓу ЕУ и Канада. Претходно, во среда, тој како почесен гостин присуствуваше на обраќањето на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за состојбата на Унијата.
Урсула фон дер Лајен во говорот за состојбата на Унијата изјави дека ЕУ сака Канада сака да стане „асоцирана членка“ на Унијата. Вакви договори за асоцијација ЕУ има склучено, меѓу другите, со Турција, Израел и Украина. Тие имаат различни цели и насоки и можат, но не мора, да претставуваат чекор кон полно членство. Економскиот експерт Патрик Леблон од Универзитетот во Отава смета дека терминот „асоцијација“ е проблематичен. Според него, малку е веројатно дека Канада би ги прифатила европските закони или би се приклучила кон единствениот пазар и царинската унија на ЕУ, што би подразбирало и воведување заеднички надворешни царини.
Наместо тоа, Леблон смета дека Карни веројатно размислува за некаква форма на сојуз со засилена соработка во сферата на економската безбедност и одбраната.