Мицкоски: Цел ни е струја за 5 до 10 отсто поефтина за граѓаните, а на крајот на 2026 Македонија да стане и нето-извозник на струја!
Владата прави потрошувачко портфолио, кое што треба го усогласи со дистрибутерот ЕВН Хоум и со државниот производител ЕСМ со што би се обезбедила просечна цена на струјата за 5 до 10% поевтина од сегашната, најави денеска од Виница премиерот Христијан Мицкоски кој одговараше на новинарски прашања за проектите за искористување на обновливи извори на енергија и како можат да влијаат врз цената на електричната енергија. „Тоа ќе биде нешто што досега не се случило – да ги искористиме поволностите на обновливите извори на енергија, тоа е Сонцето, и во тој микс во текот на целата година да обезбедиме просечна цена на електричната енергија којашто, еве, јас сум умерен оптимист, би била 5 до 10% поевтина од сегашната. Но, ајде да видиме како сето тоа ќе го операционализираме“, рече Мицкоски.