Македонија Колумни

„Рамковниот“ и „преспанскиот инженеринг“ на Уставот од 17 ноември 1991 со 36-те амандмани за 35 години целосно ја урнисаа македонската „уставна приказна“ (4)

Првиот устав на независна Македонија од 17 ноември 1991 година е од редот на така наречените „национални устави“. Во најголемиот број негови суштински елементи тој беше на исто ниво и содржински и во поглед на содржаните принципи како и 165 од вкупно 189 национални устави во светот. Во изминатите 35 години до денес извршени се осум пати дури 36 амандмански  интервенции во уставот, од што двапати во преамбулата, во 2001 и 2019 година:  никаде во ниеден устав на ниедна држава во светот не се вршени упаѓања во преамбула со амандмани. Ова што се случувало со македонскиот устав од 1991 година. по барање на Грција во 1992 година, потоа „рамковниот инженеринг“ во 2001 година и бришењето на националниот, асномски карактер на Македонија како држава, па „преспанскиот инженеринг“ и бришењето дури и името Македонија на државата со амандмани во преамбула, сето тоа доволно јасно говори каков е сегашниот устав. Тој е сега идентитетски обезличен, со избришана државотворност на македонскиот народ и на неговите врски со матичната држава, за која војувал, со присилно „ампутирани“ врски и со Македонците во соседните држави како тамошни малцинства.

Пишува; Свето Тоевски

На денешен ден, на 17 ноември 1991 година Собранието на Република Македонија го изгласа Уставот, првиот највисок правно-политички акт на самостојната и независна македонска држава, со 92 гласа „за“, од вкупно 120 пратеници. Плебисцитарно потврдувајќи ја државноста и сувереноста на Република Македонија на референдумот, одржан на 8 септември 1991 година, Македонците и другите граѓани ја изразија својата политичка волја и гласаа Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна држава, заснована врз државотворноста на македонскиот народ. Ваквиот резултат од тој референдум се заокружи уставно-правно со донесувањето на Уставот од 17 ноември 1991 година. Овој Устав беше оценет многу високо од страна на познатата Бадинтерова комисија, формирана од страна на Европската заедница во раните 90-ти години од минатиот век. 

Но пратениците од тогашните две албански партии ПДП и НДП не гласаа за одлуката за донесување на новиот устав. Тие се спротивставија на дефиницијата дека „Република Македонија е национална држава на македонскиот народ“ и бараа споделена државност и споделен суверенитет, во кои ќе учествуваат и Албанците со статус како „еден од државотворните народи на Македонија“. Поради неприфаќањето на нивните барања, пратениците-Албанци во македонското Собрание не учествуваа во неговото донесување. Референдумот од 8 септември 1991 година беше бојкотиран и отфрлен од припадниците на албанскиот етникум. Уследи набргу „противреферендумот: „успешниот референдум за политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија“ (познат и како „референдум за Република Илирида’) на 11 и 12 јануари 1992 година.

Проф.д-р Тања Каракамишева

Забележувајќи дека создавањето на првата република на Балканот, Крушевската Република од 2 август 1903 година и Првото заседание на АСНОМ имаа сериозно влијание врз целокупниот уставен развој во Република Македонија и уставот од 1991 година, во својата научна статија „Македонска уставна приказна“ од 2017 година д-р Тања Каракамишева, професорка од „Јустинијан Први“ и уставен експерт посебно нагласува:  „Според својата содржина преамбулата на Уставот од 1991 година потсетува на најважните моменти од македонското историско, културно, духовно, годишно и државно наследство. Неговата главна цел беше да го означи почетокот на современиот развој на Македонија како независна и суверена држава, заснована врз суверенитетот, што произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, без оглед на нивната национална, верска или друга припадност, како демократска држава, во која сите се еднакви и сите имаат исти права и слободи.“

Уставната комисија на Собранието во 1991 година имала направено споредбена анализа на 26 устави во светот пред конечното усвојување на првиот устав. Меѓутоа во наредните години и децении беа извршени вкупно 36 амандмански интервенции на овој устав. Спомената прва оригинална преамбула веќе ја нема во таа иста форма и содржина. Првичниот текст од 17 ноември 1991 година се обиде да воспостави рамнотежа меѓу концептот на националната држава на македонскиот народ и граѓанскиот концепт на еднакви граѓани. Со текот на времето таа рамнотежа целосно се наруши: концептот на националната држава е „избришан“ и се случи длабока етнизација на сиот политички систем со воведувањето на „консензуалната“, „договорна демократија“ меѓу Македонците и Албанците. Во изминатите 35 години 36-те амандмани го претворија Уставот од стабилен столб на уставниот поредок и на политичкиот систем  во огледало на политичките пазарења, меѓуетничките компромиси и геополитичките притисоци.  Критичарите и уставните правници постојано нагласуваат дека клучните промени на највисокиот акт не произлегоа од внатрешна потреба за подобрување на демократијата, туку од надворешни диктати.

Врз основа на консултирање релевантни научни студии на врвни европски и светски експерти авторот на овие редови констатира дека тој македонски устав во најголемиот број негови елементи беше на исто ниво и содржински и во поглед на содржаните принципи како и вкупно 189 други национални устави во светот. Широко распространета уставна практика во повеќе држави во светот е во текстот на преамбулата да се наведе нацијата како основа или темел на државата и државноста, поради што и се нарекуваат „национални устави“. Ова беше сторено и во првиот македонски устав, но токму тоа ги предивика тогашните жестоки реакции на негово отфрлањеод страна на политичките претставници на албанската етничка заедница.

Но, проф.д-р Зузана Сиелска, доктор по политички науки и експерт за разрешување меѓуетнички конфликти од Институтот за Централна и Источна Европа при државниот Универзитет во Варшава, во Полска има констатирано дека првиот устав обезбедуваше целосна граѓанска рамноправност и траен соживот на македонскиот народ со сите малцинства, односно етнички заедници. 

Во својата научна статија „Конфликти и национален идентитет – промени во Уставот на Република С.Македонија по 1991 година“ Сиелска нагласува: „Националниот идентитет е важен аспект на обликувањето на нацијата. Македонците го создаваат својот идентитет, а со тоа и својата одвоеност од другите, со помош на елементи што ја поврзуваат заедницата, како што се државата, религијата и јазикот. Уште во 1991 година, кога Република Македонија се здоби со независност, земјата се бореше за својата национална независност. Во тоа време имаше многу судири поврзани со македонскиот идентитет. Веќе на 8 септември 1991 година беше одржан референдум, а истата година на 17 ноември, македонското Собрание го донесе македонскиот устав. Во преамбулата на уставот беше нагласена вековната борба за слобода на македонскиот народ и правото на сопствена држава. Дополнително, беше забележано дека ‘Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, што обезбедува целосна граѓанска рамноправност и траен соживот на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности што живеат во Република Македонија’. Овој устав од 1991 година ги обезбеди човековата слобода и основните вредности, што ги исполнува една современа, демократска држава.“

Она што не можеа, или не сакаа да го согледаат и да го прифатат околу карактеристиките на првиот устав на независна Македонија дел од граѓаните и политичките партии од Македонија, тоа го согледаа и го потврдуваат не само овој експерт од Полска –  д-р Зузана Сиелска – туку и низа други објективни уставни и политички експерти од Европа и од светот.

(продолжува)

(Авторот изнесува согледувања од сопствена уставно-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

АНБ: Криминални структури подготвувале атентат во соседна земја

Станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземаат подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт, атентат врз претходно дефинирано лице, во Грција

Сиљановска-Давкова: Без слободни медиуми нема информирани граѓани, а без тоа демократијата ризикува да се претвори во празна форма

Новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на владата ниту нејзин однапред определен противник, туку мора да ја преиспитува секоја форма на моќ, порача денеска претседателката на Македонија

Костадиновски: Изградбата на правна држава во која владеат правото, правдата и еднаквоста е обврска на секоја генерација

Да бидеме генерација која со своите дела ќе ја потврди својата верност кон Уставот и ќе придонесе за изградба на слободна, демократска и просперитетна држава“, се додава во честитката од претседателот Костадиновски до сите граѓани по повод Денот на Уставот“

Панел-дискусии во Собранието на Република Македонија

Поздравни обраќања ќе имаат претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши, директорот на Државниот архив на Република Македонија, м-р Димитар Богески и директорот на ЈНУ Институт за национална историја, проф. д-р Митко Панов.

To top