Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против маж осомничен за телесна повреда на својата девојка, која, според наводите на Обвинителството, ја нападнал во нивниот дом на 10 ноември.
По расправија, осомничениот започнал да ја дави жената, а потоа со тупаници и шлаканици ја удирал по главата и телото.
Јавниот обвинител до Судот доставил предлог за определување притвор, наведувајќи дека постои опасност осомничениот да го избегне кривичниот прогон. \
Како особено значајна околност е посочено дека тој, откако дознал дека е пријавен, избегал од полициска станица, што, според Обвинителството, може да го загрози непреченото водење на постапката.
Случајот бил пријавен на 10 ноември, кога 21-годишна битолчанка се обратила во СВР Битола и пријавила дека околу 17 часот била физички нападната од својот партнер К.У.
Според тогашните информации од МВР, девојката пријавила дека подолг период била изложена на физичко и психичко малтретирање и дека партнерот ѝ упатувал закани.
Во полициската станица К.У. дошол доброволно, придружуван од родител. Но, додека полициските службеници преземале дејствија за да го лишат од слобода, тој избегал низ отворен прозорец од просторијата во која се наоѓал.