Пилот го загуби животот при падот на борбениот авион МиГ-29 на српската армија, кој се урна утрово на поле помеѓу Нова и Стара Пазова, јавуваат српските медиуми.
Смртта на пилотот официјално ја потврди Радио-телевизија на Србија (РТС). Неговото име засега останува непознато за јавноста.
Според информациите од РТС, летечкото средство припаѓало на 204-та воздухопловна бригада, која е стационирана на воениот аеродром Батајница во близина на Белград.
На местото на несреќата веднаш излегоа силни екипи на српските вооружени сили, припадници на полицијата и воената полиција, како и пожарникари и дежурни екипи на брзата помош кои вршат увиди и преземаат мерки на терен.
Министерството за одбрана на Србија сè уште нема дадено официјална изјава во врска со трагичниот настанот, ниту пак се соопштени официјални информации за можните причини што довеле до падот на воздухопловот.