Нови детали откриваат како била организирана меѓународната операција за ликвидација на израелски државјанин во Грција. Според истрагата, во планот биле ангажирани шест лица од Македонија.
Според грчкиот медиум „Прототема“, цел на нападот бил Израелец со грчко потекло кој имал раководна функција во компанија и бил од особен интерес за иранските разузнавачки служби.
Грчките власти претходно добиле информации за можна закана, поради што тој бил ставен под полициска заштита.
Како главен организатор се посочува иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване, за кого постојат сомневања дека соработувал со безбедносните структури на Техеран.
Во организацијата му помагал Наџи Шарифи Зиндасти, исто така ирански државјанин, кој е баран од американското ФБИ.
Зиндасти, според објавените информации, ја организирал регрутацијата на шест лица од Скопје и Куманово, на возраст меѓу 29 и 73 години.
Сите имале криминално минато поврзано со организиран криминал. Нивната задача била да отпатуваат во Грција и да се приближат до целта.
Осомничените не одржувале контакти со организаторите само од Македонија. Тие се среќавале со Маване во Иран и во други земји, што укажува на меѓународниот карактер на операцијата.