Пакистански државјанин, поврзан со иранската влада, е осуден на 27 години и шест месеци затвор поради неговата вмешаност во заговор за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп и други официјални лица.
Асиф Мерчант во март беше прогласен за виновен за обид за извршување терористички чин со последици надвор од националните граници, како и за заговор за извршување убиство по нарачка, откако се обидел да регрутира поединци за да ги убијат Трамп, поранешниот претседател Џо Бајден и поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли.
Сепак, лицата што тој имал намера да ги ангажира за извршување на атентатите, всушност биле агенти на ФБИ на тајна задача.
За време на судската постапка, Мерчант изјави дека дејствувал по инструкции на иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГГ), со цел да се одмазди за убиството на високиот ирански воен командант Касем Сулејмани, извршено од страна на САД во 2020 година.
Во вторникот, федералниот судија Ерик Рос Комити во Њујорк го осуди Мерчант на 330 месеци затвор – што е еднакво на 27 години и шест месеци – неколку месеци откако поротата го прогласи за виновен.
Иако и други американски функционери биле потенцијални цели, заговорот за атентат бил првенствено насочен кон Трамп.
Обвинителите наведоа дека Мерчант првично отпатувал во Иран на верско поклонение, каде што стапил во контакт со лице поврзано со Исламската револуционерна гарда. Според нив, тој патувал во Иран 15 пати, каде што поминал обука од ирански разузнавачки службеници, пред да се врати во Соединетите Држави во април 2024 година за да го спроведе планот.
Обвинителите изјавија дека Мерчант им платил 5.000 долари на агенти на ФБИ кои дејствувале под прикритие, како првична исплата за атентатите. Тој беше уапсен во Тексас во јули 2024 година, додека се подготвувал да ги напушти Соединетите Држави.
За време на судењето, Мерчант тврдеше дека „немал друг избор“ освен да ги изврши наредбите, бидејќи лицето кое му давало упатства јасно ставило до знаење дека знае кои се членовите на неговото семејство во Иран и каде се наоѓаат.
Според американските медиуми, на поротата ѝ биле потребни помалку од два часа за да донесе одлука и да го прогласи за виновен.