Вознемирувачка снимка од булеварот Партизански одреди во Скопје се шири на социјалните мрежи. На видеото се гледа автомобил кој се движи во спротивна насока од останатиот сообраќај, директно загрозувајќи ги другите учесници во сообраќајот, пренесе Плусинфо. На снимката се забележува како возилото се движи по булеварот, а во еден момент ја намалува брзината додека се разминува со два автомобили кои доаѓаат од спротивната насока. По разминувањето, возачот повторно забрзува и продолжува да се движи во истата насока.
Видеото предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде што граѓаните предупредуваат на сериозната опасност од вакво несовесно однесување. Движењето во спротивна насока на булевар со интензивен сообраќај може да доведе до директен судир со други возила и да ги загрози животите на возачите и патниците.
Скопје, тешки опинци те газат. https://t.co/T6ltOamACq
— На Дедо Најпаметниот (@i_najubaviot_) November 21, 2026
Случајот отвора и прашање дали опасното возење е регистрирано преку системот „Безбеден град“, како и дали МВР може да го утврди идентитетот на возачот врз основа на снимката. Од Министерството за внатрешни работи се очекува информација дали евидентирале ваков прекршок, дали веќе постапуваат по објавеното видео и дали ќе бидат преземени мерки против возачот.