Пишува: Свето Тоевски
„БЕЛИ МУГРИ“ – КРИКОТ НА МАКЕДОНСКАТА НАЦИОНАЛНА, ИДЕНТИТЕТСКА И ЈАЗИЧНА САМОБИТНОСТ, КОЈ МОЌНО ОДЕКНУВА И ДЕНЕС НИЗ БАЛКАНОТ И ШИРУМ ЕВРОПА!

„Бели мугри“ преставува врвен дострел на Коста Солев Рацин, македонскиот поет, револуционер и основоположник на современата македонска литература и книжевност. Оваа стихозбирка содржи 12 песни, распределени во пет циклуси и напишани на велешки дијалект со примеси од западномакедонските дијалекти. „Бели мугри“ ги содржи најпознатите песни „Денови“, „Ленка“, „Селска мака“, „Тутуноберачите“, „Копачите“, „Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“ како и „На Струга дуќан да имам“ и „Проштавање“. Во овие песни Рацин говори за болките и на страдањата на македонскиот народ, за искористувањето и маките на тутунските работници и надничарите како во Велес така и во Македонија пред почетокот на Втората светска војна.

Рацин проговорил на македонски јазик за македонскиот народ, за неговите страдања, за неправдите кон него, за неговите надежи и стремежи. „Бели мугри“ не се само поетско сведоштво, туку и проглас за македонското јазично, културно и национално самопотврдување. Рацин во „Бели мугри“ не побара дозвола од Софија, Атина и Белград дали ќе може да го користи македонскиот јазик. Во нив тој го употреби. Во оваа стихозбирка тој му даде на македонскиот човек книжевен глас, национално достоинство и историска видливост. И токму затоа одекот на оваа стихозбирка не завршува во 1939 година. Таа вонвременски уште помоќно одекнува и денес ширум културна и политичка Европа, и денес кога во Брисел се одржуваат уште еден Самит на ЕУ и уште една епизода од „сапунската серија“ наречена „Проширување на ЕУ“ со „европски патокази“ за речиси сите од Балканот, ама не и за Македонија и Македонците.
Но, „Белите мугри“ на Рацин блескаат веќе 87 година како поетски светилник со македонски патоказ кон Европа! Овој велик Македонец во периодот меѓу 1939 и 1941 година, а можеби и нешто порано, има напишано една своја статија со укажувачки наслов „Ако во ‘новата’ Европа ни осмне една свободна Македонија“, секако имајќи ги тогашните воени и политички околности на Хитлерова Германија и тогашна Европа. Авторот на овие редови ќе парафразира: За да осамне во Европа слободна Македонија, треба да осамнат нејзините „Белите Македонски мугри“, а не „Мрачните бугарски мугри со лажен европски сјај“!

Поезијата како национално сведоштво, а не само книжевна убавина
Рацин не пишуваше за апстрактен човек и апстрактна неправда. Тој пишуваше за конкретниот македонски човек, за аргатот, тутуноберачот, за печалбарот, селанецот, за луѓето чии раце ја создавале туѓата благосостојба, додека самите живееле во сиромаштија и бесперспективност. Во песната „Денови“ тој ја изговара една од најсуровите вистини за положбата на обесправениот човек: „Роди се човек – роб биди роди се човек – скот умри“. Ова не е само опис на општествената беда. Тоа е осуда на еден поредок, во кој човекот е лишен од достоинство, слобода и можност да одлучува за сопствената судбина.
Во „Тутуноберачите“ Рацин ја претвора маката на македонскиот тутуноберач во колективно сведоштво: „нашиов тутун – нашава мака нашава солена пот!“ Зборот „нашава“ има особена тежина. Тоа е глас на македонскиот народ, на луѓе со заедничка судбина, заеднички животен простор и заедничко искуство. Рацин не го набљудува македонскиот народ однадвор. Тој зборува од неговата средина и со неговиот јазик, македонски. Во „Проштавање“, песната посветена на печалбарите, ја открива трагедијата на човекот, принуден да ја напушти сопствената земја: „Белград е ламња, во Белград ја роб снага по туѓи палати оставам“. Рацин не ја остава Македонија затворена во безнадежност и продолжува: „тој ни остави од темно темен веков за мака – но и за борба.“
Токму тука е едно од најсилните јадра на „Бели мугри“: од страдањето се раѓа свеста, од неправдата отпорот, а од отпорот надежта за поинаква македонска иднина.

Македонскиот јазик како чин на самопотврдување
Треба да се разбере историскиот контекст во кој се појавува оваа исклучителна книга. Македонците во тоа време немаат своја национална држава, немаат институционално обезбедена положба на својот јазик, ниту рамноправен простор за афирмирање на сопствениот национален идентитет. Во различни делови на поделена Македонија дејствуваат политики на асимилација, национално присвојување и негирање на македонската посебност. Во такви околности, објавувањето на стихозбирка на македонски јазик има значење што не може да се сведе на литературата.
Рацин не го заменува македонскиот народен говор со јазикот на некоја туѓа национална културна норма. На македонски јазик, шест години уште пред да биде кодификуван и воздигнат народниот говор во книжевен македонски јазик, Рацин создава современа поезија врз основа на македонскиот јазичен израз, народната традиција и животно искуство на македонскиот човек. Токму затоа Институтот за македонска литература, во својата Енциклопедија на македонската книжевност, ја определува „Бели мугри“ како дело напишано на македонски јазик и го истакнува неговото значење за зачувувањето на македонската самобитност. Во истата енциклопедиска статија збирката е оценета како почеток на автохтониот современ македонски поетски израз, со повикување на зборовите на Блаже Ристовски.
Ова е суштинскиот одговор на секој обид македонскиот јазик да се претстави како туѓ, вештачки или подоцна создаден политички производ: македонскиот јазик веќе бил средство за висока книжевна творба, со сопствена изразна моќ, пред создавањето на современата македонска држава. „Бели мугри“ не се административен документ за постоењето на еден народ. Тие се нешто подлабоко: автентично културно сведоштво за неговиот јазик, духовен свет и колективна свест. И тука лежи нивната трајна историска вредност.
(продолжува)