Птичјиот грип повторно се шири низ Европа. Нови случаи се пријавени во Франција, Полска и уште пет европски земји, предупреди Светската организација за здравје на животните (WOAH).
Во северниот француски регион Па-де-Кале е потврдена зараза со вирусот H5N1 на фарма за живина. Од вкупно 4.300 птици угинале 80, а преостанатите биле усмртени.
По појавата на заразата, француските власти ги заостриле заштитните мерки и прогласиле високо ниво на подготвеност, вклучително и задолжително чување на живината во затворени простории.
Полска го пријавила првиот случај на птичји грип по шест месеци. Заразата е потврдена на фарма за мисирки во североисточниот дел на земјата, каде што имало 18.723 птици.
Од нив 587 угинале, а преостанатите биле усмртени според упатствата на надлежните служби.
Според податоците на WOAH, од минатиот петок случаи на птичји грип пријавиле и Италија, Португалија, Холандија, Норвешка и Велика Британија.
Ширењето на болеста во изминатите години предизвика големи загуби во живинарството и нарушувања во снабдувањето со храна, придонесувајќи и за раст на цените.
Зголемената распространетост на вирусот го зголемува и ризикот од негово пренесување кај луѓето.