
Два еврогола им донесоа победа од 2:1 на фудбалерите на Шкендија над Лудогорец во баражот за групната фаза во Европската лига на УЕФА и предност пред возвратната средба со бугарскиот првак на 28 август од 19:30 часот во Разград.
Гостите поведоа во 17. минута преку играчот за врска од Зеленортската Република, Дерој Дуарте, а израмни во 35. минута напаѓачот од Албанија, Лиридон Љатифи, со еврогол од 20 метри.
Целосен пресврт направи Бесарт Ибраими со маестрален прием на топката, свртување и силен удар со левата нога во 60. минута.
Македонскиот шампион е на чекор до повторување на подвигот на Вардар од 2017 година, кога стана првиот македонски тим што заиграл во групна фаза од европските купови.