
По нова маратонска битка, овојпат од 130 минути, Лина Ѓорческа се пласира меѓу осумте најдобри тенисерки на турнирот во Букурешт, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 60.000 американски долари.
Како и на стартот, најдобрата македонска тенисерка мораше да игра три сета за да ја оправда фаворитската улога како четврта носителка и 239. на ВТА-листата во сингл против квалификантката Ноеми Базилети (502.) од Италија, совладувајќи ја со 3-6, 6-3, 6-4.
Во решавачкиот сет 31-годишната тетовка губеше со 3-1, па поведе со 4-3, но го загуби сопствениот сервис, па направи рибрејк, за на крајот да сервира за победа и да ја искористи дури четвртата меч-топка!
За четврто турнирско полуфинале во низа Ѓорческа утре ќе се бори со Лаура Хиетаранта (343.) од Финска.