
Финалето на тенискиот турнир во Букурешт, со награден фонд од 60.000 американски долари, на Лина Ѓорческа ѝ донесе нови 49 поени и напредување за уште 32 места на ВТА-листата во поединечна конкуренција, на која оваа седмица ќе биде на 207. позиција.
По серијата од девет победи, вклучувајќи го и турнирот во романскиот град Слобозија што го освои една недела претходно, најдобрата македонска тенисерка го загуби маратонот во три сета од победничката на јуниорскиот Ролан Гарос 2025, Лили Тагер од Австрија.
Со пласманот во финалето во Букурешт, кадешто беше четврта носителка, 31-годишната тетовка заработи 4.886 долари.
Таа е пријавена и за новиот турнир во Куршумлиска Бања неделава (земјени терени, 60.000 долари), кадешто ќе биде трета носителка.