Македонија Колумни

Во Уставот треба да врати грижата за Македонците од соседните држави, а не да се ставаат „државотворни Бугари“ и со нив агенда за распад на Македонија! (1)

Денес се навршуваат 35 години од донесувањето серија амандмани на Уставот на тогашна Социјалистичка Република Македонија во Собранието, меѓу кои беше и амандманот 58. Со него за првпат беше воведена одредба во еден устав на самостојна и независна Македонија, која се однесуваше на обврската за грижа за македонското малцинство во во Грција, Бугарија и другите соседни држави. Но, поради „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“, прифатени од претходната Влада, македонската држава се откажа од македонските национални малцинства во тие земји.

Научна анализа: м-р Свето Тоевски

 Амандманот 58 на Уставот на тогашна Социјалистичка Република Македонија, донесен во Собранието на 20 септември 1990 година, гласеше: „СРМ се грижи: за положбата и правата на деловите македонскиот народ во соседните земји; за Македонците во другите земји; за иселениците од Македонија и за граѓаните на привремена работа во странство и го поттикнува и помага одржувањето и развојот на врските со нив.“

Но, како директна последица на „Преспанскиот договор“ и „Бугарскиот договор“ 29 години потоа, односно на 11 ноември 2019 година Собранието ќе го усвои и амандманот 36 на Уставот. Со ова целосно се избриша амандманот 58 од 1990 година, преточен во членот 49 на Уставот и македонската држава се откажа од грижата на македонските национални малцинства во Грција, Бугарија и другите соседни држави.

Додека Македонија продолжува и натаму во формална смисла, од уставно-правен аспект да биде „слепа“ за деловите на македонскиот народ, кои живеат како национално угнетени, дискриминирани и непризнати национални малцинства во соседните балкански држави, сите тие држави во своите устави како висок приоритет имаат нагласено дека деловите од „нивните народи, кои живеат надвор од границите на нивните држави, ќе уживаат право на заштита од матичната држава, во согласност со принципите на меѓународното право и меѓународните договори, која ќе ги штити нивните права и легитимни интереси“.

Зошто македонскиот устав да нема, да не смее да има ваква одредба, поради влијаењето на идентитетски геноцидните Преспански и Бугарски договор?! Зошто да нема и Македонија легитимно право да се грижи за Македонците во другите држави во Балканот, зарем за неа како држава не важат принципите и нормите на меѓународното право?! Во суштина и од правна гледна точка, не содржејќи обврска за грижа за Македонците во околните држави, сегашниот устав на Македонија е во остар судир со постојните меѓународни норми и принципи, со конвенциите на Обединетите Нации, на Советот на Европа и други меѓународни организации!

Токму ова мора да се промени и да регулира во уставот, Македонците од  околните држави како тамошни малцинства да се „внесат“ во уставот на матичната држава Македонија, а не да се ставало во неговата преамбула имагинарното, непостојно „бугарско малцинство“, дури и како „државотворен бугарски народ во Македонија“!

Истакнувајќи ја важноста на амандманот 58, донесен пред 35 години, професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје д-р Мишо Докмановиќ дополнува: „Собранието на СРМ подолг временски период се занимаваше со прашањето за положбата на македонското малцинство во соседните земји. Во таа насока на 22 ноември 1989 година Собранието усвои Заклучоци за односите на СФРЈ со соседните земји, а особено во контекст на признавањето и почитувањето на правата на македонското малцинство. Во тој контекст, Собранието, меѓу другото, побара како од сојузните, така и од републичките органи, да го следат остварувањето на правата на македонското малцинство, но и како и да предлагаат преземање соодветни мерки и активности. На 7 јуни 1990 година, Собранието донесе и посебна Декларација за односите со соседните земји и положбата на македонското национално малцинство.“ (проф.д-р Мишо Докмановиќ: научна студија „Сами на своето: кратка историја на македонската независност /(1990-1993/, стр.87). 

Овој правен експерт дополнува дека со таа Декларација од 1990 година за положбата на македонското национално малцинство во соседните земји, покрај другото, беше изразена загриженост и вознемиреност, поради негативниот однос кон положбата и правата на македонското малцинство во Бугарија, Грција и Албанија. „Со Декларацијата се побара осовременување и заживување на југословенската надворешна политика и за остварувањето на деловите на југословенските народи во соседните земји. Грижата за правата на македонското малцинство претставуваше извор на напнатост во односите со соседните земји, особено со Грција и Бугарија.“ – истакнува Докмановиќ.

Општопознато е со какви неправди и проблеми се соочуваат Македонците во Бугарија и Албанија, дека се изложени на огромни притисоци за денационализација и асимилација. Затоа денес се осврнуваме и на положбата и проблемите, со кои се судираат Македонците во Албанија. Во интервјуто, што го даде на 17 септември 2025 година за весникот „Илинден“ на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Ендрит Фетаху, потпретседател на тамошната партија Македонска алијанса за европска интеграција,нагласува дека Македонците во Албанија и натаму се третираат како граѓани од втор ред од страна на албанската држава.  

„Иако официјално презеде одредени чекори за признавање на малцинствата, албанската држава во пракса не покажа вистинска волја да обезбеди целосна рамноправност за Македонците. Сè уште сме третирани како граѓани од втор ред: нема образование на нашиот мајчин јазик, нема инвестиции во областите каде што живееме, ниту барем минимална застапеност во државните институции. Оваа тивка дискриминација мора да заврши, бидејќи европската интеграција на Албанија не може да се гради врз негирање на правата на малцинствата.“ – посочува Фетаху.

Тој посебно посочува на „невидливоста“ на Македонците во политичките процеси во Албанија и нивната отворена дискриминација. Има многубројни проблеми, но главниот е тоа што албанската држава не ги спроведува законите, што ги донела. Образованието на македонски јазик е речиси непостојно надвор од Преспа, иако е фундаментално право. Многу македонски села и заедници се соочуваат со длабока сиромаштија, изолација и целосен недостаток на развојни проекти од владата. Во исто време Македонците се речиси невидливи во државната администрација и политичките процеси, што е неприфатливо за земја која тврди дека е демократска. Овој третман претставува отворена дискриминација и кршење на европските стандарди за човекови права. – напомнува Фетаху.

Потпретседателот на партијата на Македонците во Албанија Македонска алијанса за европска интеграција Ендрит Фетаху упатува и порака, која треба да ја чуе не само албанската, туку и македонската држава: „Мојата порака е јасна: доста молчење и покорност! Мора да застанеме обединети и гласно да го бараме она што е наше. Не треба да дозволиме нашите деца да растат без да го учат мајчиниот јазик, не треба да дозволиме нашиот идентитет да се изгуби, поради запоставување, или дискриминација од страна на државата. Македонската алијанса за европска интеграција нема да запре сè додека добијат Македонците во Албанија еднакви права, училишта на мајчин јазик, поддршка за нашата култура и достојно политичко претставување. Нема да се повлечеме, бидејќи правдата е на наша страна. Од суштинско значење е да се одржи жива македонската кауза во Албанија. Никогаш нема да замолчиме и ќе се бориме за еднаквост, достоинство и подобра иднина за секој Македонец во Албанија.“

Ендрит Фетаху на најасен можен начин појаснува зошто мора да се вратат Македонците во уставот на Македонија, како што и се случи пред 30 години со усвојувањето на амандманот 58: затоа што мора се да се стори, за да се одржи во живот македонската кауза во Албанија, Бугарија, Грција, Косово и секаде каде што живеат Македонците во Балканот заедно со својот македонски етнички идентитет и мајчиниот македонски јазик.

 (продолжува)

„Нова Македонија“

 (Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

To top