Македонија

Сиљановска-Давкова: Нашите соседи користат вето, наместо да нѐ поддржат – Крајно време е да промени начинот на одлучување во ЕУ

На годинашниот самит „Конкордија“, кој се одржува секоја година напоредно со Генералното собрание на ОН, претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова посочи на важното прашање: „Дали Европската унија ќе биде Унија на правила и стандарди, или на двојни стандарди и противречности?“

Во обраќањето на годинашниот самит „Конкордија“ Сиљановска-Давкова рече дека она што се ОН за светот, тоа е ЕУ за Европа: мултилатерален проект со една врвна цел – мир на континентот. Таа нагласи дека ова се постигнува преку проширувањето врз основа на Копенхагенските критериуми: демократија, владеење на правото, човекови права и слободи, и пазарна економија.

Шефицата на македонската држава Сиљановска-Давкова додаде дека Европската Унија не може да го брани мултилатерализмот во светот ако го изневерува на својот континент. Според неа, проширувањето не е техничко прашање, туку тест за тоа дали ЕУ ќе го одбере патот на „concordia“ (латински: согласие, хармонија), или на „discordia“ (латински: несогласие, раздор), дали ќе биде Унија на правила и стандарди, или Унија на двојни стандарди и противречности.

Таа посочи дека ние можеме да направиме сè што е потребно во економијата, реформите, но и оти, сепак, нашите преговори зависат од нашите соседи. Сиљановска-Давкова констатира дека за разлика од Скандинавија, која ги поддржа балтичките земји за ЕУ, нашите соседи често користат вето при приемот на нови членки. Таа порача дека е крајно време да се направат промени во ЕУ за начинот на одлучување, што неодамна го нагласи и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лаен.

Темите на самитот „Конкордија“ ja опфаќаат глобалната економија и трговија; демократијата, безбедноста и геополитичкиот ризик; енергијата и транзицијата; здравствените можности и предизвици; човековите права и социјалниот напредок, како и иновативната технологија. Овој настан претставува еден од најзначајните форуми каде што се собираат лидери од различни сектори: државници, бизнис-елити, претставници на граѓанското општество и иноватори.

Најнови вести од: Македонија

To top