Македонија Колумни

Зарем не може и Македонија да стане „балкански еколошки Сингапур“ со своја „револуција“ за собирање и искористување на отпадот?!

Во азиската град-држава Сингапур, која се нарекува не случајно „светска престолнина на рециклирањето на отпадот“, ѓубрето не се нарекува ѓубре, туку „рециклирачки материјали“, а во Македонија од него се формираат се поголем број „мини-планини“, кои се повеќе ја загадуваат животната средина и го загрозуваат животот и здравјето на луѓето, посебно во случаите на намерно подметнуваните пожари како во изминативе неколку седмици.

Пишува: Свето Тоевски

Македонија има повеќе од 20 закони за животна средина и 400 подзаконски акти, има и најнов „Национален план за управување со отпад“  – ама има и повеќе од 2 илјади диви депонии! Законска регулатива за чиста животна средина еден тон – реализација на таа регулатива еден грам! Не секоја општина, туку секое село и маало ни станаа дива депонија, на кои се фрла сѐ и сешто! Се зголемува бројот на произведен отпад, а се намалува неговото рециклирање. Во 2023 година, Македонија произведе 878.303 тони отпад, но само 0,2 отсто од тој отпад беше рециклиран. Остатокот заврши на депонии. Поодделно од тоа, според извештајот на Заводот за статистика од април 2025 година, вкупното количество собран комунален отпад во 2023 година изнесувал 621 686 тони и споредено со 2022 година бележи зголемување од 2.6 отсто. „Најголемото количество собран комунален отпад, 99.8 отсто, се исфрла на депонија.“ – вели државната статистичка институција.

Во Шведска 99 отсто од отпадот не оди на депонија, туку се рециклира, или претвора во енергија

Затоа ги имаме скопска Дрисла, Вардариште, Трубарево, гостиварско Русино, потоа депониите Шапкар кај Струмица и депонијата кај селото Добрашинци… Цела Македонија е „накитена“ со депонии. Затоа тие депонии беа „податливи“ со своите илјадници лесно запаллив отпад некои поединци  намерно да подметнат пожари на нив, како што се случуваше во изминативе неколку седмици околу Скопје и низ Македонија, со испуштени огромни количества штетни, па и канцерогени материи во воздухот.  

Во ЕУ просечно 48 отсто од отпадот се рециклира, со зацртана цел до 2035 година да се намали под 10 отсто количеството на отпад, кој завршува на депонии. Во некои земји, како Шведска, 99 отсто од отпадот не оди на депонија, туку се рециклира, или претвора во енергија. Овој екостандард е веќе постигнат во Шведска. Австрија и Словенија се во процес на зголемување на своите капацитети за рециклирање и согорување отпад.

Во Македонија е посебно е алармантна ситуацијата со опасниот електричен и електронски отпад. Според Министерството за животна средина, во земјата во 2023 година имало 8.527 тони електричен и електронски отпад. Од тоа се собрани 6.758 тони „Количеството, што е рециклирано и преработено, во 2023 година изнесува 5.689 тони.“ – посочува „еколошкото“ министерство. Сепак, ситуацијата околу овој вид отпад ни малку не е „розова“, туку е многу црна, „густо црна“ како огромните облаци од чадот во текот на 15-те часови, кога неодамна согоруваа стотиците тони батерии и друг вид електричен и електронски отпад кај Трубарево – во непосредна близина на човечки населби, среде обработливи површини за земјоделско производство на храна за луѓето!

Обвинителството мора час поскоро и целосно да ги расчисти сите околности околу ова катастрофално загрозување на животната средина и природата со отпад. Да се расчисти како можело да се дозволи ваквиот отпад да се складира на катастарска парцела во Трубарево и со тоа да се предизвикаат големо оштетување на  квалитетот на почвата и  воздухот, како и опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери. Дали пак и овде проработила човечката алчност за профит и се случило „замижување“ на неодговорни поединци и некои надлежни државни институции пред огромната опасност? 

Европската „Зелена агенда“, стратегиите, плановите, патоказите, експертските совети, ниту парите од европските фондови кај нас не даваат задоволителен, ниту потребен ефект. Во Македонија не се реализира „Зелена агенда“, туку „Агенда за загадување“! Што може да се прави, за чии искуства вреди да се размисли дали можат да се применат барем делумно во Македонија, за да биде помалку загадена, со помалку расфрлан отпад, со помал број диви депонии, со повисок степен на рециклирање на отпадот?

Азиската град-држава Сингапур се нарекува не случајно „светска престолнина на рециклирањето на отпадот“!

 Тој е единственото место во светот каде што нема отпад. Како го реши Сингапур својот голем проблем со отпадот? Повеќе од 2 милијарди тони глобален отпад се генерираат годишно во оваа мала островска држава. Сингапур е опседнат со чисти патишта, рециклирање и „преработка на отпад“, со негова повторна употреба секогаш кога може. Во текот на 20 век Сингапур беше многу неразвиен град-држава, загаден, со валкани улици, со граѓани, кои фрлаа ѓубре кај што ќе стигнеа. Но властите увидоа дека така не смее да продолжи. Уште во 1968 година започна своевидна „казнена експедиција“ низ Сингапур, остра, но неопходна кампања под мотото „Да го одржиме Сингапур чист!“, изрекувајќи им драконски високи казни на сите несовесници, што фрлаа отпад низ градот и кои создаваа и таму депонии, со кои се бориме денес ние во Македонија. Така речи, оттогаш преку ноќ улиците во Сингапур станаа чисти и во неговата околина повеќе ги немаше „смрдливите планини“ на отпад.

Наметнувањето на високите казни беше само еден, помал дел од палетата на преземени еколошки мерки. Главната мерка беше почетокот на остварувањето на еден навистина агресивен план за максимално собирање и рециклирање на индустрискиот и комуналниот отпад. Во 2012 година беше прогласен „Зелениот план на Сингапур“, една своевидна тамошна „еколошка револуција“ во управувањето, складирањето и повторното употребување, односно рециклирање на најразновидниот отпад. Во Сингапур сè што може да се рециклира се рециклира. Тој е пример, што треба да да се следи во однос на домашното и индустриското рециклирање, како и во однос на третманот на отпадот. Листата на најдобрите градови во светот за 2021 година, објавена од истражувањето на индексот „Тајм аут“, го именуваа Сингапур како најчист и најзелен град во светот.

Во Сингапур отпадот не се нарекува отпад, туку „рециклирачки материјали“!

Сингапур има население од 5,5 милиони. Кај неговите жители е веќе развиена висока еколошка свест, но не само поради високите казни, туку пред се поради генијалните и ефикасни решенија на државата, кои практично се спроведуваат веќе неколку децении. Како изгледа сингапурското комунално-еколошко секојдневие?

Системот за управување со отпад во Сингапур е извонредно ефикасен: секој ден илјадници камиони собираат отпад и го транспортираат до специјални бункери. Работниците за отпад доаѓаат во редовни интервали (таму нема нивни штрајкови, таму не се случува да не им исплаќаат плати по 3 и повеќе месеци, како во Македонија!) и го преземаат одложениот и веќе првично сортиран отпад. Тие работници дополнително го сортираат отпадот – кој попрво не се нарекува отпад, туку „рециклирачки материјали“, заради транспорт до фабрика за преработка.

Ѓубрето во Сингапур се пали во високотехнолошки горилници со целосни филтри без никакво загадување на воздухот, а од пепелот се прават тули и патишта!  При горењето на отпадот се добива електрична енергија, што ги напојува домовите и бизнисите низ целата земја. Добиениот чад внимателно се филтрира за да се заштити животната средина, додека пепелта се меша со цемент за да се направат еколошки тули! Рециклираните пластични шишиња се користат за изградба на некои од најдобрите патишта во светот! Една сингапурска компанија од преработениот пластичен отпад разви иновативен материјал, што го заменува традиционалниот битумен во изградбата на патишта. Ѓубрето во Сингапур едноставно исчезнува!

 Оваа мала држава е светски лидер во создавањето иднина без отпад. Затоа таму повеќе нема класични депонии на отпад, како во Македонија, туку многу повеќе зазеленети површини на многу веќе расчистени поранешни депонии. Дали не сме способни и ние во Македонија да прогласиме наша „локална еколошка револуција“? Зарем не можеме оние наши 0,2 отсто, а некои велат 0,7 отсто рециклиран отпад, да го зголемиме за почеток барем за десет пати, а потоа пак за уште десет пати? Дали не може и во Македонија да се изградат вистински фабрики за преработка на сметот и за негово согорување во горилници, како во Сингапур, по што пепелот ќе наоѓа и кај нас примена било во градежните активности, па дури и во изградбата на улици? 

Зарем не може и македонската држава да ископира и практично да спроведува колку е можно поголем дел од искуствата на оваа азиска држава, нека биде, комбинирано и со искуства од Шведска и другите еколошки напредни европски држави? Комбинирајќи дел од од искуствата и праксата на европските држави, може и Македонија да стане „балкански еколошки Сингапур“ во справувањето со отпадот и во поглед на неговото искористување, така што ќе исчезнат сегашните неколку илјади диви депонии и еколошкиот хаос, во кој допрва ќе тоне Македонија. Ако не се преземат итни и ефикасни мери.

„Нова Македонија“

 

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

To top