Колумни

Судирот на Мерко со ДУИ и Ахмети е одраз на расколот и вриежите во партијата, од која преминуваат во Вреди десеттици активисти и цели структури!

Косовскиот новинар и политички аналитичар Батон Хаџиу во август годинава во своја колумна нагласи дека „Али Ахмети е веќе влезен во циклус на самоуништување“, а оти за ДУИ локалните избори ќе претставуваат „политички погреб уште во првиот круг на гласањето“!

Веќе цели 24 часа во ДУИ владее безмалку целосна тишина и молк, откако се уште актуелниот градоначалник на Струга од нивните редови Рамиз Мерко им го сврте грбот на својата партија и на своите сопартијци, упатувајќи преку фејсбук јавен повик да се гласа за независната кандидатска листа за советници во Советот на општина Струга, а не за ДУИ! „Цврсто ја поддржувам независната листа за Советот на Струга. Ги поканувам сите оние, кои веруваат во слободниот глас на граѓаните, да ѝ се придружат на мојата поддршка.“

„Политички земјотрес“ во ДУИ

Но, и покрај овој „политички земјотрес“ од девет политички рихтери, што му го приреди Мерко, Ахмети продолжува да глуми ладнокрвност и не покажува никаква реакција: синоќа при отворањето на општинскиот штаб на нивната опозициска коалиција Национална алијанса за интеграција во селската општина Долнени, во прилепскиот регион, Ахмети упати повик: „Само обединети можеме да успееме!“ А во неговата партија ДУИ сѐ има, само не обединетост!

„Се случува уште еден голем раскол во Националната алијанса за интеграција во Струга: овој пат сегашниот градоначалник Рамиз Мерко отворено се изјасни во поддршка на независната листа за Советот на Струга, со што им го сврте грбот на АКИ и лидерот на ДУИ Али Ахмети!“ – извести информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“, по објавата на Мерко на фејсбук, со која тој се огласи со поддршка за независната листа за Советот на Струга. Се уште не е целосно јасно за која независна кандидатска советничка листа искажал поддршка Мерко, така што засега останува само во сферата на претпоставките дека тој повикал граѓаните да гласаат за независната листа на граѓанската иницијатива „Струга дејствува“.

Истапувањето на Рамиз Мерко против ДУИ е со повеќе значења и можни последици за ДУИ и Али Ахмети. Во истите моменти кога лидерот на ДУИ Али Ахмети во „порака до премиерот Христијан Мицкоски“ се закануваше од Тетово дека „ќе се цепи Македонија на албански и бугарски дел, ако не влезела во ЕУ“, кога се фалеше со „единството на политичките сили“ во неговата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), Рамиз Мерко веќе му ја расцепи не само коалицијата Национална алијанса за интеграција, туку и самата партија . Ем и му ги „разголи“ лагите оти има „единство“ во опозициската коалиција! Но Мерко не само што ги повика гласачите на Струга не само да гласаат за независната кандидатска листа за Советот на општина Струга, а не за ДУИ, туку тој јавно порача и гласачите „да бидат понастрана од партиите“, уште поточно понастрана од ДУИ!

Судирот на Рамиз Мерко со ДУИ започна уште лани во декември

Ваквата позиција на се уште постојниот градоначалник Мерко е и показател на се поголемите вриежи внатре во ДУИ не само во во Струга, туку и во други градови, општини и села во западниот дел на Македонија. Судирот на Мерко со ДУИ започна во декември минатата година, кога тој побара поддршка за неговиот можен петти мандат како прв човек на општина Струга. Не доби поддршка за таквата негова желба, затоа што веќе беше ставен на „црната листа“ на САД како корумпирана политичка личност. Рамиз Мерко во јули годинава веќе премина во фаза на бојкотирање на ДУИ.

На 10 јули 2025 година локалниот информативен портал на албански јазик „Струга пост“ напиша: „Градоначалникот Рамиз Мерко од ДУИ го бојкотираше важниот партиски настан што се одржа денес во Струга. Извори блиски до организаторите велат дека Мерко не бил присутен на состанокот, на кој учествувале важни личности од ДУИ, вклучувајќи ги и локалните функционери. Неговото отсуство предизвика мешани реакции во политичките кругови во рамките на Европскиот фронт и беше протолкувано како јасен знак за внатрешни несогласувања во коалицијата.“

По повикот на Мерко да се гласа за независна советничка листа, а не за ДУИ, компликувана ситуација во Струга на прагот на локалните избори

Јулскиот бојкот од завчера прерасна во целосно разидување меѓу Мерко и неговата партија и сопартијците. Повикот на Мерко до стружани да се поддржи независна кандидатска советничка листа за општинскиот Совет, а не ДУИ, создава компликувана ситуација во градот и општината на прагот на локалните избори. Дали гласачите, пред се од албанското бирачко тело, ќе се одѕват на повикот на Мерко, дали може да се очекува и навистина некаква помала поддршка за кандидатот за градоначалник и на советничката кандидатска листа на Националната алијанса за интеграција? Или јавната објава на Мерко ќе заврши како „празно зборење во ветер“? Со значителна сигурност може да се претпостави дека, вртејќи им грб на ДУИ и на Ахмети, Рамиз Мерко, сакајќи, или не сакајќи, само му ги зголемил шансите на независниот кандидат за градоначалник и стопанственик Менди Ќира да победи, дотолку повеќе, што овој ја има отворената и штедра поддршка на коалицијата Вреди.

Инаку, деветмина кандидати за градоначалник на Општина Струга и 10 листи за советници ќе учествуваат на локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври, потврди Општинската изборна комисија во Струга за Македонката информативна агенција – МИА на 18 септември. Во трката за градоначалник на Струга се: Јована Мојсоска од Левица, Арсим Далипи од Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ, Љубе Петревски од Работничката партија, Роберт Милески од Демократи Скопје, а како независни кандидати ќе се борат за градоначалничката фотелја Бесник Асани, Насто Палиоски, Менди Ќира, Игор Малески и Мирко Савески. Седум од советничките листи за Советот на општината се на политички партии и коалиции, а три се независни листи.

Професорот Коста Хиохи, кој ќе ја предводи листата на ВМРО ДПМНЕ во Струга, во изјава за „Струга пост“ на 15 септември истакна дека дојде време Струга да им се врати на граѓаните и да ја здобие конечно улогата како вистински сервис на граѓаните. „Исправени пред предизвиците и проблемите, со кои со години се соочува нашата општина, убедени сме дека дојде време Струга конечно да стане вистински сервис на граѓаните, да биде просперитетна општина.“

Силни турбуленции во тетовскиот огранок на ДУИ

Но, да се продолжиме со Али Ахмети и централното претседателство на ДУИ, кои допрва ќе имаат сѐ проблеми многу проблеми во други уште поголеми и позначајни градови, општини и села. Меѓутоа, во оваа опозициска партија веќе се случува не само раскол, туку и омасовени напуштања на членови, партиски активисти, но и цели структури во ограноците и подограноците. „Најжешко“ им е и најтурбулентно на „интегративците“ токму во градот каде што е нивното седиште, токму во тетовскиот огранок на ДУИ, без сомневање еден од најважните и најголеми ограноци на целата партија. На 21 јули 2025 година информативниот портал наалбански јазик „Инфошќип“ извести дека десетици активисти од Младинскиот форум на ДУИ и подогранокот на ДУИ во градската населба Теќе во Тетово ѝ се приклучија на коалицијата Вреди!

„Ова е вонреден развој на настаните и голем пресврт на локалната политичка сцена: повеќе од 40 луѓе организирано, со јасен политички чин се оградија од ДУИ и се наредија на линијата на Вреди.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Инфошќип“ во својата информација со наслов „Потрес во Тетово: десеттици активисти на ДУИ преминуваат во Вреди, го поддржуваат Билал Касами и се стремат кон промени!“

Порталот ја пренесе и изјавата на шефот на централниот изборен штаб на Вреди Аднан Азизи: „Овој тренд на напуштање на ДУИ и приклучување кон Вреди започна одамна во тишина, но сега добива јавен замав. Тетовската населба Теќе е само првата точка, многу други се подготвени да се упатат кон Вреди. Започнува целосниот распад на ДУИ во Полог!“ – нагласи во јули Азизи.

Хаџиу: Следи политичкиот крај на Али Ахмети како лидер и на ДУИ како партија!

Аднан Азизи им прогнозираше целосен распад на ДУИ во Полог, во тетовско-гостиварскиот регион, но од Косово пристигна многу поцрна и многу пострашна „временска прогноза“ за „политичките бури и удари на громови“, кои дури и ќе ја докрајчат политичката кариера на Али Ахмети како лидер на ДУИ. Во својата колумна со наслов „Ако е ова крајот на ДУИ, тогаш тој сам си го одбра“ на 9 август годинава косовскиот новинар и политички аналитичар Батон Хаџиу напиша, покрај другото: „Уште кога ќе се пребројат гласовите од првиот круг на гласањето на локалните избори во Македонија, тие ќе бидат акти на погреб на ДУИ на локално ниво. Али Ахмети се уништува и себеси. Тој веќе влезе во циклус на самоуништување. Се подготвува за локалните избори, соработувајќи со луѓе, кои политички му го искинале месото. Општини како Гостивар, Струга, Сарај, па дури и Чаир, им даде на луѓе, кои сакаат да го елиминираат од политиката.“

Батон Хаџиу во својата колумна заклучи: „Ако Али Ахмети ги изгуби овие избори, тогаш неговото наследство ќе биде разбиено во четири локални феуди – Таравари во Гостивар, Касами во Тетово, Меџити во Чаир и можеби некој друг во некое село, и Села во Струга. А ДУИ не е повеќе партија. Таа е конфедерација на фрагменти, кои не се поврзани со историја, принцип или идеал. И кога ДУИ ќе ги изгуби општините, ќе го изгуби и образот.“

ТИМ expres.mk

Најнови вести од: Колумни

Аманетот на Петре М. Андреевски: Не дозволувајте друг да ни ја контролира националната свест! – Да изградиме заедничка програма за Македонија!

Во 2000 година во интервју за весникот „Нова Македонија“, запрашан што би им советувал на Македонците, македонскиот книжевен гениј и патриот Петре М. Андреевски ќе нагласи: „Да си ги вратат достоинството, храброста и вистината за себе!“

Зарем не може и Македонија да стане „балкански еколошки Сингапур“ со своја „револуција“ за собирање и искористување на отпадот?!

Во азиската град-држава Сингапур, која се нарекува не случајно „светска престолнина на рециклирањето на отпадот“, ѓубрето не се нарекува ѓубре, туку „рециклирачки материјали“, а во Македонија од него се формираат се поголем број „мини-планини“, кои се повеќе ја загадуваат животната средина и го загрозуваат животот и здравјето на луѓето, посебно во случаите на намерно подметнуваните пожари како во изминативе неколку седмици.

Албанија со устав бара да не бидат дискриминирани Албанците во други држави, а тамошните Македонци се жалат токму на тоа, дека се граѓани од втор ред! (4)

Попретседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија Ендрит Фетаху на најјасен можен начин укажува зошто мора да се вратат во уставот на Македонија не само Македонците од Албанија, туку и од сите други балкански држави, заедно со грижата на државата за нив и нивните права, како што и се случи пред 30 години со усвојувањето на амандманот 58 на уставот: за да се одржи во живот македонската кауза во Албанија, но и во Бугарија, Грција, Косово и секаде каде што живеат Македонците во Балканот заедно со својот македонски етнички идентитет и мајчиниот македонски јазик.

Бугарија бара дури и„држава во држава“ за фантомскиот „бугарски народ“ во Македонија, а низ ЕУ се дере: „Њама македонски език, њама Македонци кај нас!“ (3)

Д-р Билјана Волческа-Вербруге, предавач по европска интеграција и културни студии на Тилбург Универзитетот во Холандија, ја критикува Бугарија дека ја принудува Македонија „повторно да ја пишува својата историја“, но и оти бара од неа преку хегемонистички говор и пристап да се откаже од какво било тврдење во врска со постоењето на македонско малцинство во Бугарија.

Грција со устав ги „цементира врските на Грците со татковината“, а со „преспанска бомба“ ги растури врските на тамошните Македонци со Македонија! (2)

„Групата за малцински прашања“ („Minority Rights Group“) со седиште во Лондон, во Велика Британија, искажува невидено остри обвинувања дека етничкото македонско малцинство во Грција ниту се признава дека воопшто постои, ниту оти има какви било малцински права, поради „силниот отпор на грчката влада, на грчките националисти и етничкото грчко население како целина“!

Скандал: „Аналитичарот“ Мехази повикува да се подели „РСМ“ на албански и македонски дел, „зашто никој не ја сака, дури ниту Македонците“?!

Дали и како ќе реагираат надлежните државни институции во Република Македонија по ваквиот јавен повик за уривање на нејзиниот територијален интегритет, но имајќи ги предвид и сериозните квалификации за „нереагирањето на НАТО и да се пролее крв во државата“, како и етничките навреди дека „Македонците се Славосрби“?

Салиху: Албански партии, намалете ги предизборните ветувања! Тетово веќе го направивте Дубаи, Чаир Копенхаген, а Струга Париз!

„Ветувањата на партиите во кампањата за локалните избори ги претворија градовите во футуристички места, каде што обичните граѓани се чувствуваат како да патувале на некоја друга планета!“ – иронизира авторот на колумната, новинарот Урим Салиху од Тетово.

Во Уставот треба да се врати грижата за Македонците од соседните држави, а не да се ставаат „државотворни Бугари“ и со нив агенда за распад на Македонија! (1)

Денес се навршуваат 35 години од донесувањето серија амандмани на Уставот на тогашна Социјалистичка Република Македонија во Собранието, меѓу кои беше и амандманот 58. Со него за првпат беше воведена одредба во еден устав на самостојна и независна Македонија, која се однесуваше на обврската за грижа за македонското малцинство во во Грција, Бугарија и другите соседни држави. Но, поради „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“, прифатени од претходната Влада, македонската држава се откажа од македонските национални малцинства во тие земји.

To top