Македонија

Мицкоски: Никогаш нема да попуштаме кога се во прашање интересите на Македонија

Замислете ситуација, додаде премиерот, да настапуваме единствено, а опозицијата да е таа што ќе нè притиска и храбри да ги чуваме црвените линии

„Во денешно време се соочуваме со поинакви предизвици, но со подеднакво значење за иднината на нашата држава и народ. Како претседател на Владата, свесен сум за секој еден од нив, и покрај сите нив, еден од најважните е битката за стандардот и подобриот живот. Тоа е она што го бара и што му е потребно на народот. И битката за Европската Унија треба да се гледа низ поривот за подобар живот и стандарди, и затоа таа наша цел, и покрај сите удари и пречки, остана патот што сакаме да го изодиме“.

Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски во денешниот говор по повод празникот 23 Октомври.

-И овој пат е наше природно право, и иако многу пати откажувањата што ги направивме не беа достоинствени, не беа фер, народот со разочарување и со кнедла во грлото ги прифаќаше. Не е едно, не се две, туку тоа полека станува непринципиелен начин на однесување. Во контекст на последните барања, кои што се наша пречка, а тоа се уставните измени, главното прашање што се наметнува е: што добиваме ние од тоа, и дали конечно е ова крајот? И дали е фер? Секој наш следен потег мора да биде низ призмата на одговорот на овие прашања и заштитата и обезбедување, прво на  гаранции дека ова ќе биде последното, и дека ќе добиеме нешто опипливо и предвидливо- важно за државата и граѓаните, а потоа и нашиот источен сосед да покаже европски вредности и на ист начин да одговори за македонската заедница во Бугарија.
Затоа што нашата определба за Европската Унија ја докажавме преку многу одрекувања, многу жртви, дури и по цена на сопствена штета. И никој нема право да каже дека не дадовме жртва и не плативме прескапа цена за она што го сакаме- членка на Европската Унија. Но, како и во историјата, така и денес, секогаш ќе има луѓе и страни кои се подготвени да дадат повеќе, да прифатат повеќе, рече Мицкоски.

Оцени дека во таа смисла, нашата опозиција е подготвена да прифати многу повеќе, но и да отстапи и даде многу повеќе.

-Затоа што таквата трговија со нашето, со заедничкото, за нив претставува картата со која сакаат да дојдат и да останат во политичкиот живот- не размислувајќи за штетата што ја прават, не само на себе, туку и на целата држава и сите идни поколенија. Јас сум беспрекорно свесен дека во остварувањето на таквите намери единствена пречка е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Но таа улога мораме свесно да ја носиме на плеќи заради нашиот народ, нашата татковина- дека никогаш нема да попуштаме кога се во прашање интересите за нашиот македонски идентитет и нашата држава Македонија, порача тој.

Мицкоски понатаму рече:

„Замислете ситуација да настапуваме единствено, а опозицијата да е таа што ќе нè притиска и храбри да ги чуваме црвените линии, околу кои нема да се создаваат облаци и прашини за куферчиња, поклони за источниот сосед и приказни за бизниси какви има сега. А, токму таквото нивно досегашно однесување ги закотви и закова на третото, четвртото место по поддршка- станувајќи спореден играч на политичката сцена овде дома, кај нас. Кога сме кај дневнополитичките прашања, сакам да се осврнам на неколку теми. Локалните избори од првиот круг, изразени низ освоените градоначалнички и советнички места, ја докажаа доминантната улога и поддршка што ја има ВМРО-ДПМНЕ. И ова докажува дека народот има надеж и очекувања кои нема да ги разочараме ниту изневериме“.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Речиси целосно пробиена трасата на булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево

По долгогодишно чекање, булеварот „Борис Трајковски“ конечно добива решение, со што се исполнува едно од најважните инфраструктурни очекувања на жителите од овој дел на Скопје.

„Комунална хигиена“ со 12 милиони евра долгови и 60% од возилата расипани

Државната ревизија ја прочешла документацијата за 2024 година на Јавното претпријатие Комунална Хигиена Скопје. Според наодите на ревизорите компанијата има проблем со наплататата на нивната услуга, потоа забележано е нерационално управување со залихите, но констатирана е и намалена ликвидност.

Презирот на македонските херои кон смртта во битката на Ножот на 14.7.1907, една од највеличествените страници на македонската историја по Илинденското востание

„Никој не смее да ги допре и да ги нагрди хероите! Гледате ли како комитите ја презираат смртта? Се борат и умираат како херои!“ – со овие зборови мајорот Енвер-беј, кој командувал со многубројната турска војска во легендарната битка со македонските комити на 14 јули 1907 година на планинскиот врв Ножот кај прилепското село Ракле, им оддал почит на саможртвениците за слободата на Македонија и македонскиот народ. Тој трагичен јулски ден во 1907 година штамата завладеја на Ножот, откако последните преживеани македонски комити се самоубија со последните куршуми и со активираните бомби, кои им преостанаа, за да не паднат во рацете на турскиот аскер. Претходно прилепскиот градски окружен комитет и војводите им издале наредба да се повлечат од врвот. ,,Опфатени сме од оган, гориме и сме дошле да изгориме. Сакаме да умреме со достоинство. Нашето решение е неповратно.” – порачале 54-те македонски херои, одбивајќи да се повлечат, за да можат сите останати да заминат безбедно. Битката на Ножот е од најнерамноправните и најкрвавите битки во историјата на Македонија по Илинденското востание, но е и една од многуте во македонската национална историја на непокорот, буните и востанијата против поробителите.

To top