Спорт

Без голови против Летонија, Македонија се чуваше за Велс

Селекторот Милевски ги зачува адутите за директниот дуел со Велс во вторник во Кардиф за мундијалскиот бараж

По шест победи во исто толку меѓусебни дуели со Летонија, фудбалската репрезентација на Македонија првпат не славеше против многу послабо рангираниот противник, играјќи без голови во контролниот натпревар во Скопје, воедно и увертира за гостувањето кај Велс на крајот од мундијалските квалификации.

Токму поради тој неспоредливо поважен дуел за избраниците на селекторот Благоја Милевски, во кој влогот е второто место во групата и втор бараж за Светско првенство едноподруго преку квалификациите, „црвено-жолтите“ ги чуваа силите за „фудбалската војна“ што ги очекува во вторник од 20:45 часот во Кардиф.

Елмас, Миовски и Трајковски ги одиграа последните 30 минути, а капитенот Барди само првото полувреме, но и во таква ситуација македонските фудбалери имаа и поголем посед на топката (56:44 отсто), и повеќе удари вкупно (13:9), и повеќе шутеви во рамките на голот (7:3), а гостинската мрежа, сепак, не се затресе.

Погледите сега се вртат кон гостувањето на Велшаните кај аутсајдерот Лихтенштајн в сабота од 18 ч., по кое ќе се знае дали на Македонија ќе ѝ врши работа и реми во меѓусебниот дуел, бидејќи има три бода повеќе и подобра гол-разлика за шест гола, но и еден погодок помалку постигнато.

 

 

Најнови вести од: Спорт

Невозможното стана возможно: „Македонските џинови“ ги освоија Алпите

Македонските ултрамаратонци Катерина Шиповиќ, Радмила Јованова и Жикица Ивановски остварија неверојатен подвиг, истрчувајќи 330 километри низ величествените Алпи на легендарната трка „Трка на џиновите“ (Tor des Géants).

To top