Големиот фаворит Велс одвај го победи аутсајдерот Лихтенштајн со 1:0 во Вадуц, резултат што ѝ оди во прилог на Македонија, на која сега ќе ѝ одговара и нерешено во вторник во Кардиф за да го освои второто место во квалификациската група Ј, кое носи малку полесен пат во мундијалскиот бараж.
Победата на Велшаните им ја донесе Џордан Џејмс во 61. минута, по која се израмнија со „црвено-жолтите“ со по 13 бода, но избраниците на селекторот Благоја Милевски во последното коло ќе влезат како втори благодарејќи на подобрата гол-разлика од +9 наспроти +4 на директниот ривал.
Неочекуваното реми 1:1 на отпишаниот Казахстан со водечката Белгија со 15 бода, пак, им дава теоретски шанси на македонските фудбалери и за првото место во групата, кое директно води на Светското првенство 2026 во САД, Мексико и Канада.
За таква разврска и историски пласман на Македонија на СП ќе ѝ биде потребен триумф над Велс, но и сензационален пораз на Белгијците дома од Лихтенштајн, кој не само што нема освоено ни бод, туку на досегашните седум меча нема постигнато ни гол! Другата варијанта е победа на Македонија од најмалку седум гола разлика во Кардиф и реми на Белгија (гол разлика +15) со Лихтенштајн во Лиеж.
