Медиумите во Бугарија ја оплакуваат судбината на фудбалската репрезентација на источниот сосед на Македонија, на која не ѝ гине последното место во групата од квалификациите за Светското првенство 2026 ако не победи со пет гола разлика над Грузија во вторник во Софија.
Во досегашните пет кола Бугарите имаат исто толку порази, со гол-разлика 1:18, а Грузијците се веднаш над нив на табелата со три бода и гол-разлика 6:13, па избраниците на селекторот Александар Димитров се многу блиску до повторување на дното во мундијалските квалификации од пред 36 години.
Тогаш беа во група со Данска, Романија и Грција и завршија последни, иако го декласираа јужниот македонски сосед со 4:0 на свој терен, а во составот ги имаа подоцнежните легенди Христо Стоичков, Емил Костадинов, Красимир Балаков и Трифон Иванов, четврти во светот во САД 1994.
Ако одново загуби од Грузија, Бугарија ќе ги повтори своите најлоши квалификации за СП од 1934 година наваму, кога беа последни без ниту еден бод, нешто што не го повториле никогаш потоа.
Вчерашниот пораз од 2:0 против Турција во Бурса го обележаа уште неколку неславни рекорди. Во последните 10 години Бугарија нема победа на гости во квалификации за ЕП или СП, а последната е таа од 2015 година над Малта од 1:0. Против Турците младиот дефанзивец Атанас Чернев го постави конечниот резултат со автогол, а еден месец претходно тој ја погоди сопствената мрежа и во поразот од 4:0 против Шпанија во Валјадолид. Бугарија си даде автогол на сите три последни меча од квалификациите за планетарниот шампионат, откако Виктор Попов го матира својот голман Даниел Митов против Турците во домашниот дебакл со 1:6.