Бизнис

Над 11 милиони евра треба да се вложат во обнова на јавни згради

Секоја зграда ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки – од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на кровните конструкции и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката.

Во следниот период ќе се реконструираат 14 јавни згради во кои функционираат 33 институции, и кои ги користат повеќе од 5 илјади лица, најави Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Тие посочуваат дека го финализирале Планот за реконструкција на згради кои ги користат лицата од јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – документ кој поставува јасна, тригодишна рамка за најобемната енергетска обнова на институции во земјата досега. Планот веќе е усвоен од Владата, по процес на усогласување со вкупно 33 институции.

– Овој стратешки документ произлегува од реформската агенда и законската обврска секоја година да се реконструираат најмалку 3 отсто од вкупната корисна подна површина на јавните згради. Притоа, мерките за енергетска ефикасност се задолжителен дел од секоја реконструкција.

Во програмата се опфатени 14 јавни згради со вкупна корисна површина од 102.992 m², во кои функционираат 33 институции, што секојдневно ги користат повеќе од 5.000 лица. Целта е: намалени енергетски трошоци, подобрени услови за работа, помали емисии и модернизиран јавен сектор согласно европските стандарди – се напоменува во соопштението на Министерството за енергетика.

Објектите кои ќе се реконструираат според планот се групирани според нивната состојба и итноста на интервенцијата:

  • Прва група – објекти во лоша состојба, кои се приоритет за реконструкција:
    зградата на Министерството за здравство (заедно со Институтот за јавно здравје и ДСЗИ), зградата на Државниот завод за статистика, објектот на Агенцијата за катастар на недвижности и главната зграда на Управата за хидрометеоролошки работи.
  • Втора група – објекти во добра состојба, но со значајни потреби од санација:
    дел од комплексот на Министерството за економија и труд, зградата во која се сместени Агенцијата за администрација, Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, како и големиот административен блок на МИОА, МОН, МЛС, ДИК, Агенцијата за лекови, УМЕ и Секретаријатот за законодавство (НИП „Нова Македонија“).
  • Трета група – Осум објекти претходно реновирани, но кои имаат потреба од енергетска надградба и современи системи.

– Секоја зграда ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки – од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на кровните конструкции и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката.

Овие интервенции се насочени кон драстично намалување на трошоците за енергија во јавниот сектор, кои традиционално се високи и го оптоваруваат буџетот на институциите. Паралелно, планот ги намалува емисиите на CO₂ за 29 отсто, односно за 1.091 тони годишно, што претставува значајна придобивка за квалитетот на воздухот во урбаните средини – посочуваат од Министерството.

Додаваат дека индикативната вредност на Планот изнесува околу 11,11 милиони евра, вклучувајќи технички контроли, проекти, надзор и изведба. Процесот ќе се одвива во координација со сите 33 институции чии објекти се предмет на реконструкција.

– Паралелно, Планот претставува важен чекор во транспонирањето на европското законодавство во делот на енергетската ефикасност (Директивата 2018/2002/EU и Регулативата 2018/1999/EU) и е директно усогласен со обврските кон Енергетската заедница.

Министерството ќе работи на обезбедување финансиски средства, воспоставување функционална единица за спроведување, како и брза подготовка на документацијата потребна за старт на реконструкциите.

Реализацијата на оваа тригодишна програма ќе значи подготвен јавен сектор со поефикасни и поекономични институции, современи стандарди за одржливост и директни придобивки за граѓаните. Помалку загадување, подобар квалитет на воздухот и поефикасно трошење јавни пари – придобивки што ќе ги почуствуваат и институциите и граѓаните – се истакнува на крајот од соопштението.

Најнови вести од: Бизнис

Ристески пред средбата со трговците и дистрибутерите: Нема да толерираме профитирање на грбот на граѓаните

Заменик-министерот за економија и труд информира дека на средбата со производителите, трговците и дистрибутерите, меѓу другото, ќе бидат презентирани анализите на ДПИ во однос на движењето на цените на основните прехранбени производи. Во овој контекст, повтори тој, нема да се толерира некоректно однесување.

Синдикалната минимална кошница за јуни тежи 68.654 денари

Вредноста на синдикалната минимална кошница за јуни 2026 година изнесува 68.654 денари, што е намалување за 88 денари во споредба со мај, кога за покривање на основните месечни трошоци на едно домаќинство биле потребни 68.742 денари.

Азески: Позитивен пресврт во дипломатијата – нашето претставништво во Брисел мора да е точка од која ќе тргнат промените

Ако членството во Унијата ни е целта кон која се движиме, нашето претставништво во центарот на ЕУ мора да биде точката од која ќе тргнат промените. Добро опремено, финансиски поддржано и подготвено за најголемите предизвици – да ја оставиме зад себе уравниловката и со пример да покажеме дека лидерството е врзано со целта и со темелните вредности, а тие, пак, со парите на граѓаните и со нивното добро.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески на средба во Еurochambres во Брисел

Соговорниците се согласија дека стопанските комори имаат значајна улога во поддршката на реформските процеси, јакнењето на конкурентноста на компаниите и во продлабочувањето на економската соработка меѓу Европската Унија и земјите кандидати за членство.

„H&M“ на големо затвора продавници – Клуч на вратите за уште 170 дуќани низ цел свет до крај на 2026

Шведската модна компанија „Ејч енд ем“ (H&M) објави во својот полугодишен извештај дека ќе затвори 170 продавници ширум целиот свет оваа година за да го приспособи своето работење на моментните пазарни услови.

To top