Македонија

(Фото): Орден „8 Септември“ за д-р Сашко Кедев од Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска му го врачи Орденот „8-ми Септември“ што му го додели на кардиологот и алпинист Сашко Кедев, а како признание за неговиот долгогодишен професионален и општествен ангажман. Високото државно одликување на д-р Кедев му се доделува за „храбар придонес во конституирањето на самостојна и независна Република Македонија и активното учество во развојот на македонската демократија но и за резултатите што ги постигнал во медицината и алпинизмот.

Орденот му беше доделен за храбриот придонес во конституирањето на самостојна и независна Република Македонија, за особените заслуги во медицината и дома и надвор, како врвен интервентен кардиолог којшто вовел иновативни техники и методи, извршил неколку илјади коронарни интервенции и над 1 600 транс-радијални каротидни стентирања, како и за исклучителните образовни и научни успеси..

Орденот на Кедев исто така му беше доделен и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец Којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8 000 метри надморска височина.

  • Сите го знаеме како врвен медицински авторитет, еден од пионерите и лидерите во развојот на интервентната кардиологија. Неговата личност ја красат благородноста, моралниот интегритет и хуманоста… Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква, рече Сиљановска-Давкова.

За сето она што го направи за медицината, науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија, најмалку што можеме да сториме, рече Сиљановска-Давкова, е да му оддадеме признание. Не може да говориме за него, а да не го занемариме неговиот активен и видлив придонес за македонската демократија од првите денови на самостојноста и независноста до денес.

  • Каде и да оди и што и да работи по светот, тој ја персонифицира на најдобар начин Македонија. Доказ за тоа е и неговиот статус на почесен конзул на Индонезија, плод на неговите неимарски способности во градењето мостови на доверба и партнерство меѓу народите и државите, нагласи Сиљановска-Давкова.

Доктор Кедев, нагласи, има биографија што не ја опишуваат епитети, туку ја потврдуваат суперлативи.

  • Фактите говорат дека тој е меѓу водачите, првенците – интервентни кардиолози на Универзитетската клиника за кардиологија, но и во другите центри во земјата, како и во бројни престижни меѓународни медицински институции, од Канада до Јужна Африка, што од него прави своевиден колумбовски или магелановски докторски профил, порача претседателката.Неговиот научен опус е вонсериски во домашeн контекст, рече Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека академик Кедев вовел револуционерни техники во нашата кардиологија, со што поставил повисоки стандарди, отворил нови и пошироки хоризонти, давајќи им нова шанса на илјадници пациенти.

  • Ако во медицината, д-р Кедев ги достигна највисоките професионални и хумани височини, тогаш во алпинизмот, буквално, ги освои највисоките врвови на светот. И тоа, не во младешките денови на бунтовник без причина, туку во зрелата доба, како бунтовник со цел: умен, искусен, но се уште детски љубопитен; храбар, но внимателен; желен за нови подвизи, но наоружан со богато искуство, дисциплина и истрајност и … разбран и придружуван, дополни Сиљановска-Давкова.

Таа истакна дека во период подолг од две децении, Сашко Кедев ги искачи сите 14 највисоки врвови над осумилјади метри.

  • Неговите подвизи не само што предизвикуваат дилеми, чудење и восхит, туку ги поместуваат границите на човечката издржливост и верба… Цврсто верувам и ве уверувам дека успесите на академик Кедев не се случајност, туку резултат на енормно знаење и сизифовски напори, потпрени на цврст морален темел и чиста и длабока духовност. Храброста и неуморноста што ги учел и вежбал во салите за операции, го поттикнуваат и водат на највисоките планински врвови, а вербата во правдата и моралот, го инспирираат и придружуваат во општествената битка за подобро, поправедно, демократско општество, изјави Сиљановска-Давкова.

Како што потецираше, секогаш кога е потребно гласно, чесно и одговорно да се проговори, тој е тука, дома, во Македонија.

На доделувањето на Орденот, вечерва во Македонската филхармонија, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министри од Владата, градоначалници, академици и голем број личности од општествениот живот.

Орденот на Кедев му се доделува и за храбриот придонес во конституирањето на самостојна и независна Република Македонија и за активното учество во развојот на македонската демократија, за особените заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, крунисани со членство во престижни научни меѓународни асоцијации. Понатаму, за уживањето посебен углед како врвен интервентен кардиолог којшто вовел иновативни техники и методи, извршил неколку илјади коронарни интервенции и над 1 600 транс-радијални каротидни стентирања, за исклучителните образовни и научни успеси, потврдени со 230 публикации со импакт-фактор на платформата „Wеb of Science“, H-индекс 36 и 13 650 цитати, за продлабочувањето на меѓународната соработка како почесен конзул на Индонезија.

На свечената церемонија во Македонската филхармонија присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, министри во владата, претседателот на МАНУ, како и голем број гости и претставници на општествено политичкиот живот во земјава.

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Безбедно отстранета ретка неексплодирана минофрлачка граната од Првата светска војна

По безбедносните проверки на состојбата на неексплодираната граната, согласно пиротехничарските, деминерски, стандардни оперативни процедури, гранатата е безбедно подигната од местото каде е пронајдена и се транспортира за понатамошна постапка за нејзино уништување.

Крај на пушењето – се крои досега најстрог закон

Македонија е на чекор до донесување на најригорозниот закон за заштита од пушење досега, кој драстично ќе го промени секојдневието на пушачите, угостителите и трговците. Според нацрт-верзијата на законот до која дојде Телма, се подготвува целосно исфрлање на цигарите од јавниот живот и затворените простори, без исклучоци.

Повторно блокиран граничниот премини „Евзони“, македонските транспортни компании трпат загуби

Грчките земјоделци и вчера попладне во истиот период го блокираа граничниот премин, а во однос на плановите за следните денови, исто како и досега, одлуките ќе ги носат во последен момент, особено сега кога изразија подготвеност во вторник да се сретнат со грчкиот премиер.

To top