Македонија

Стразбур отвора сериозни прашања за судењето и пресудата против Јанкуловска

„Можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните права“, вели Гордана Јанкуловска

Европскиот суд за човекови права ЕСЧП денеска објави дека отвара сериозни прашања во однос на документираните повреди на правото на правично судење во предметот против екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, за набавката на блиндирано возило за потребите на државата.

Во пракса, тоа значи дека овој предмет влегува во сериозна фаза – наместо автоматско отфрлање на жалбата како недопуштена, ЕСЧП бара од државата објаснување за низа чувствителни точки кои се однесуваат на начинот на кој функционира целиот судски систем.

Еден од клучните сегменти што го интересира Судот е користењето на прислушуваните разговори како докази од обвинителството. Одбраната на Јанкулоска тврди дека таа немала можност да ја оспори нивната автентичност, ниту пак имала пристап до целата документација, што, според нив, ја нарушило рамноправноста на странките во постапката.

Дополнителен аспект што привлекол внимание во Стразбур е улогата на судијката Добрила Кацарска. Судот сака да утврди дали претходни јавни изјави на Кацарска, дадени во друг поврзан процес кога ги осуди Никола Груевски и Ѓоко Поповски, можеле да создадат впечаток на предвремено определување за вината на Јанкулоска уште пред да започне нејзиното судење.

Оттаму државата треба да објасни дали била загрозена нејзината претпоставка на невиност и дали била обезбедена реална непристрасност.

Европскиот суд, исто така, отвора прашања за динамиката на судењето — процес кој се водел со забрзано темпо во период кога Јанкулоска имала ризична бременост. Се проверува дали таа имала доволно време и услови да ја подготви својата одбрана.

За објавата на ЕСЧП се огласи и Гордана Јанкуловска:

„Иако поминаа скоро 5 години од поднесувањето на апликацијата пред ЕСЧП, а јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претепев на приватен и професионален план не може да се надомести, сепак сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција“, објави Јанкулоска на Фејсбук.

Со оваа одлука на судот во Стразбур, можеби конечно судиите ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси, вели Јанкуловска во објавата.

„Можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните права.

Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата“, вели Јанкулоска.

Јанкулоска беше осудена на четири години затвор за предметот „Тенк“, што го отвори тогашното специјално јавно обвинителство. Судот ја прогласи Јанкулоска за виновна за злоупотреба на службена должност и овластувања.

Според обвинението, таа му помогнала на тогашниот премиер Никола Груевски, со пари на полицијата на наместен тендер да си купи „мерцедес“ од 600.000 евра за лична употреба за кога нема да биде пред новинарите и граѓаните.

Ексминистерката беше ослободена од затвор во ноември 2023 година, една година пред истекот на затворската казна.

Јанкуловска беше 9 години министерка за внатрешни работи во владата на Груевски, од 2006 до 2015 во мај кога си даде оставка поради вооружените напади во кумановската населба Диво Насеље.

Најнови вести од: Македонија

Да се забрани „џанк“ храна во училиштата и да се оданочат зашеќерените пијалаци, бара Клековски

Министерот ги повика граѓаните, особено оние со зголемен ризик или со семејна историја на дијабетес, да не ги игнорираат симптомите како постојан замор, зголемена жед или заматен вид и да направат превентивен преглед.

Тамара Котевска го освои „Британскиот Оскар“ за документарен филм, рамо до рамо со Херцог и Дејвид Атенборо

Македонската режисерка Тамара Котевска, двојно номинирана за ОСКАР и двојно номинирана за ЕМИ, го освои престижното Гран-при признание (за најдобар кино-документарец) на овогодинешното доделување на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон, кои во светската кинематографија важат за британски Оскар за документарни филмови.

Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ – од понеделник нова експозитурата во Прилеп

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за да им се овозможи на сите клиенти полесен пристап до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

To top