Свет

„Ни педа“: Зеленски за притисокот од САД да се откаже од територии

Постојат клучни територијални прашања што треба дополнително да се дискутираат: кој што контролира, кој каде останува, кој се повлекува и, ако Украина се повлече од линијата, како да се обезбеди дека Русија ќе го стори истото и нема да продолжи да се бори

САД го засилија притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски брзо да се согласи со мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, кој вклучува големи територијални отстапки за Украина, изјавија двајца украински функционери за „Аксиос“.

Според нив, од Киев се бара да се согласи на губење на територија и други сериозни отстапки, а во исто време да не добива цврсти безбедносни гаранции.

Украинската страна верува дека сегашниот американски предлог ја фаворизира Москва во клучни делови и дека Вашингтон врши значително поголем притисок врз Зеленски отколку врз рускиот претседател Владимир Путин. Американскиот функционер го негираше ова, тврдејќи дека САД, исто така, извршиле притисок врз Путин да ги омекне своите барања.

Зеленски оваа недела разговараше со голем број влијателни европски лидери, кои му кажуваат дека Украина не мора да попушти ниту пред Путин ниту пред Трамп.

Во центарот преговорите се две прашања: барањето на Русија Украина да го отстапи целиот регион Донбас, вклучувајќи ги и областите што не се контролирани од руските сили, и барањето на Украина за силни безбедносни гаранции од САД за да се спречи понатамошна руска агресија.

Еден украински функционер рече дека понудата на САД дополнително се влошила од перспектива на Киев откако советниците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, минатата недела одржаа петчасовен состанок со Путин во Кремљ. Според него, Виткоф и Кушнер очекувале јасен и брз договор за планот за време на нивниот двочасовен телефонски разговор со Зеленски во саботата.

„Имавме впечаток дека САД се обидуваат да ни ја продадат желбата на Русија да го преземе целиот Донбас на различни начини и дека Американците сакале Зеленски веднаш да се согласи со тоа за време на телефонскиот разговор“, рече украинскиот функционер.

Телефонскиот разговор со Зеленски следеше по тридневни интензивни преговори во Мајами меѓу Виткоф, Кушнер и советниците на Зеленски. Иако, според американски и украински извори, е постигнат одреден напредок, нема напредок во територијалните прашања или безбедносните гаранции.

Украинскиот претставник изјавил дека новиот американски предлог содржи построги услови од претходните верзии, особено во врска со територијата и контролата врз нуклеарната централа Запорожје, и дека не дава јасни одговори за безбедносните гаранции.

„Постојат клучни територијални прашања што треба дополнително да се дискутираат: кој што контролира, кој каде останува, кој се повлекува и, ако Украина се повлече од линијата, како да се обезбеди дека Русија ќе го стори истото и нема да продолжи да се бори“, рече тој.

И покрај ова, тврди истиот извор, американската страна се однесувала како да очекувала Зеленски едноставно да се согласи на сè за време на телефонскиот разговор. Американскиот функционер возврати дека сегашниот нацрт во голема мера е обликуван врз основа на украинските предлози и дека Кушнер и Виткоф вршеле притисок врз Путин да прифати некои украински барања.

Сепак, целиот случај ја покажува длабоката недоверба што тлее меѓу администрациите на Зеленски и Трамп, и покрај долгите и интензивни преговори.

Вчера во Лондон, Зеленски се сретна со лидерите на Обединетото Кралство, Франција и Германија за да покаже заедничка европска позиција за планот на Трамп.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека „имаме многу карти во рацете“, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека е „скептичен во врска со некои детали во документите што доаѓаат од американската страна“ и нагласи дека нема сомнение дека Европа стои зад Украина. Потоа Зеленски ја продолжува својата турнеја со посети на Брисел и Рим.

 

Најнови вести од: Свет

Унгарија го отфрли планот на ЕУ за распределба на мигранти: „ЕУ не е овластена да одлучува со кого треба да живеат Унгарците“!

Министрите за внатрешни работи и правда на ЕУ во понеделникот постигнаа договор за т.н. „солидарен механизам“, кој вклучува систем за распределба на мигрантите меѓу земјите-членки. Според планот, земјите, кои не сакаат да примат бегалци, наместо тоа можат да обезбедат финансиски придонеси, или материјална поддршка. Се очекува пактот да стапи во сила во јуни 2026 година.

Данската разузнавачка служба за првпат ги означи Соединетите Американски Држави како „можна безбедносна опасност“!

Во годишната проценка на заканите за 2025 година, објавена денеска, данската воено-разузнавачка служба наведува дека „официјален Вашингтон сè поотворено ги става сопствените интереси во прв план и ја користи својата економска и технолошка моќ како средство за притисок, вклучувајќи и кон сојузниците“.

Австралија: Нема социјални медиуми за малолетници

Новиот закон ги опфаќа најпопуларните платформи како што се Instagram, Facebook, TikTok, YouTube, X и Snapchat, и додека владата тврди дека целта е да ги заштити младите од штетна содржина, критичарите предупредуваат на ризикот од изолација и туркање на децата во нерегулирани делови од интернетот

Најнови вести

To top