Македонија

Јаневска го презентираше отчетот за првата година од мандатот

Во изминатата една година остваривме голем дел од програмските определби и цели со што поставивме темели за изградба на квалитетен и конкурентен национален образовен систем кој ќе овозможи еднаквост, ефикасност, потребно знаење и вештини, синхронизираност со пазарот на трудот и генерално задоволство кај сите чинители на воспитно – образовниот процес. Фокус на Владата е и […]

Во изминатата една година остваривме голем дел од програмските определби и цели со што поставивме темели за изградба на квалитетен и конкурентен национален образовен систем кој ќе овозможи еднаквост, ефикасност, потребно знаење и вештини, синхронизираност со пазарот на трудот и генерално задоволство кај сите чинители на воспитно – образовниот процес. Фокус на Владата е и науката, се вложува двојно повеќе од претходно, така што овие два сегменти, образованието и науката го добиваат потребното внимание и навистина стануваат клучни развојни ресурси на државата.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната прес конференција на која заедно со заменик министерот, државниот секретар и директорите на Педагошката служба, Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар, информираше за остварените резултати во првата година од мандатот.

-Недостигот на учебници беше првиот предизвик со кој се соочивме, но го надминавме и покрај краткиот рок. Ги испечативме и испорачавме веќе одобрените, а изработивме и повеќе нови учебници и наставни материјали за основно, по предмети за кои, до тогаш воопшто немаше никакво помагало. Испечативме и над 100 нови наслови во средното стручно образование. Учениците имаа и ќе имаат од што да учат и во новата учебна година, рече Јаневска, информирајќи дека во тек се постапките за набавка и печатење на учебниците што ќе се користат од септември, вклучително и оние по странски јазици кои недостигаа 6 години.

Министерката се заблагодари на наставниците кои активно учествуваа во креирањето и спроведувањето на досегашните промени, посочувајќи дека грижата на државата кон нив ќе се зголемува и во иднина.

-Донесовме одлука за етапно, реално покачување на платите на наставниците во период од 4 години. И веќе добија над 12%. Универзитетските професори пак, од јануари годинава добија зголемување за 14%, рече Јаневска.

Потсети и дека наставниците се ослободени од административни обврски за тројно внесување на идентични податоци – во електронски дневник, во свидетелства и во главните книги, така што останува повеќе време за да се посветат на суштината на образовниот процес.

По однос на инфраструктурните инвестиции, рече дека со 2 милијарди денари се градат 7 нови училишни објекти, 20 објекти се реконструирани, се градат и 4 нови спортски сали, а темелно се обновуваат и два студентски дома во Скопје. Над 50 училишта ќе добијат фотоволтаици, а до крајот на годината ќе продолжи и изградбата на ФИНКИ и ФФК, но и ќе почнат да се градат кампуси за Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и за Медицинскиот факултет во Штип.

-Два процеси за кои лично многу се залагам од самиот почеток на мандатот се оптимизацијата на училишната мрежа и воведувањето на едносменска работа. И двата се одвиваат паралелно, а ќе овозможат поквалитетна настава, подолг престој на децата во училиште и поголема социјализација на учениците од рурални средини, заштеда на средства на долг рок и нивно ефективно реинвестирање, како и решавање на предизвикот со вишокот наставници, рече министерката, додавајќи дека 153 училишта годинава имаа настава во една смена, а наскоро услови ќе се создадат и во 6 други.

Изрази задоволство од соработката со студентите, со кои, како што рече, заедно работиме на унапредување на младинскиот стандард и во таа насока, досега се прифатени 10тина нивни барања за проширување на студентски права и можности.

-Науката е наш фокус, затоа што без наука нема развој на државата. Двојно го зголемивме буџетот за развој на научно – истражувачката дејност и сега изнесува 680 милиони денари. Три повици се веќе објавени за финансирање на иновативни научно – истражувачки проекти, а станавме и партнери со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија кој ги отвори вратите на своите лаборатории за македонските научници и истражувачи. Базите со научна литература и трудови Web of science и Scopus ги направивме бесплатно достапни за сите вработени и студени на државните универзитети, додаде министерката.

За една година Државниот просветен инспекторат и службите на МОН направија над 2000 надзори на образовни и научни установи. Заради неактивност или непостапување по дадени насоки, затворени се 14 приватни научни институти и високостручни школи.

Во овој период надградена е и законската регулатива, со што се воведуваат образовни асистенти во средните училишта, обезбедена е поголема поддршка за талентирани ученици кои учествуваат на меѓународни натпревари, како и финансиска поддршка за здруженија на наставници кои организираат меѓународни олимпијади во Македонија. Овозможено е професионално, односно кариерно насочување на учениците од основните и средните училишта, додека, формално се уредува образовниот процес на лицата кои отслужуваат казни во казнено – поправни и воспитно – поправни домови, како и образовниот процес на лицата со надмината возраст за училиште.

Јаневска очекува сите учесници во креирањето и спроведувањето на промените да продолжат да работат со исто темпо, бидејќи сосема јасно е како возвраќа негрижата од минатото – со деца последни на ПИСА тестирањата, универзитети кои ги нема на светските ранг листи и научници кои заминуваат да работат за други држави. Се заблагодари и на медиумите за следењето на работата на инстиуциите и за укажувањата со кои ја подобруваат институционалната ефикасност.

Најчитани вести

Нема вести со доволно читања во последните 7 дена.

To top