Неквалитетната услуга, промени во условите на претплатничкиот договор, високи сметки и раскинување на договор со наплата на пенали, се најчестите причини поради кои граѓаните минатата година побарале од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да посредува во решавање на спор.
Годинава до регулаторното тело пристигнале 346 барања за решавање спор, наспроти 363 регистрирани во 2024 година, информираат од АЕК. Од вкупниот број донесени решенија, 45 се усвоени, 14 се делумно усвоени, 40 предмети се затворени со меѓувремено постапување од страна на операторот, а 109 се одбиени. Останатите барања биле непотполни, повторно поднесени, Агенцијата не била надлежна или биле отфрлени. „Граѓаните ги користат соодветните механизми за заштита што ги обезбедува АЕК“, велат од регулаторното тело.

Клучни иновации што се очекуваат на овој пазар за 2026 година вклучуваат влез на трет мрежен оператор во мобилната телефонија, пуштање во употреба на телекомуникациската кула на Водно и воведување на T-DAB. Од АЕК сметаат дека 2025 година е позитивна од аспект на развојот на пазарот на електронски комуникации и потенцираат дека сите параметри што ги објавуваат на квартално ниво покажуваат позитивен тренд.
Операторите во државата веќе обезбедуваат брзина на пристап преку 5G во просек од околу 340 Mbps во градовите, со што се постигнати целите од Националниот оперативен широкопојасен план, кој е дел од неодамна промовираната национална ИКТ стратегија „SMART/MK 2030“. „АЕК успешно ги спроведува обврските предвидени во НОБП. Целите што требаше да се постигнат заклучно со 2029 година, веќе се исполнети“, истакнуваат тие. Операторите веќе обезбедуваат просечна брзина на пристап преку 5G од околу 340 Mbps во градовите и околу 120 Mbps на патиштата, иако целта за 2029 година е минимална брзина од 100 Mbps. Ова ја позиционира Македонија меѓу првите 5-10 земји во Европа по квалитет на мрежи, велат од регулаторното тело.
Во 2025 година започна процесот за воведување на трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги, со предвидено официјално стартување на почетокот на 2026 година. Ова ќе ја зголеми конкуренцијата на пазарот, што беше константна забелешка во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија, наведуваат од АЕК. Агенцијата на 24 ноември годинава ги продолжи за 96 дена роковите од тендерската документација за трет мрежен оператор, на барање на единствениот понудувач, „Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор-ај-џи“. Со Одлуката на АЕК, краен рок за избор на најповолен понудувач е 12 јануари 2026 година, а за доделување одобрение за користење радиофреквенции – 25 февруари 2026 година. На македонскиот пазар моментално работат „Македонски Телеком АД Скопје“ и „А1 Македонија ДООЕЛ Скопје“, како и виртуелните оператори „Лајкамобајл ДООЕЛ Скопје“, „МТЕЛ ДООЕЛ Скопје“, „РОБИ ДООЕЛ Штип“ и „Греен Телекомуникации ДОО Прилеп“.
Според најавите од регулаторното тело, следниот месец треба да биде пуштена во функција телекомуникациската кула, капитална инвестиција започната во 2013 година. Кулата треба да биде оперативна најдоцна до 31 јануари. Основната намена ќе ѝ биде постигнување електромагнетна компатибилност, односно сите предавателни системи на локацијата Врв Водно ќе бидат преместени на кулата во вертикала, со што ќе се избегнат интерференции во радиокомуникациските служби. „Особено е важно што ќе се зголеми безбедноста во службите за воздухопловна радионавигација и воздухопловна мобилна. Во радиокомуникациите, безбедноста во овие служби е од првостепено значење“, велат од АЕК. Капитални проекти од ваков тип не се предвидени, туку се планира континуирано одржување, надградба и набавка на софистицирана мерна опрема.
Телекомуникациската кула на Водно претставува централно армиран бетонски столб висок 155 метри, со можност за сместување четири конзолни платформи со површина од 180 до 200 квадратни метри. Предвиден е и челичен решеткаст столб со антена на врвот, наменет за предавателите на македонските оператори и системот за контрола и мониторинг на радиофреквенциите. Во кулата се предвидени административни простории, како и ротирачки ресторан со панорамски поглед на градот.
Како значаен момент во минатата година е и новиот Закон за електронските комуникации, целосно усогласен со европското законодавство. Согласно овој закон, се предвидува можност за воведување на T-DAB во Македонија од страна на ЈП „Македонска радиодифузија“ по 1 јануари 2026 година. За T-DAB, досега одобрение можеше да добие само оператор во приватна сопственост. ЈП МРД веќе располага со 2 MUX за DVB-T, а сега се предвидува можност за доделување и на трет MUX за МРД, кој може да се искористи за T-DAB. Приходите на АЕК во 2026 година се планирани на износ од 636.750.000 денари, што е 26% помалку од минатогодишните. Најголем дел од проектираните приходи, 520 милиони денари, се од надомест за користење радиофреквенции.
Заклучно со вториот квартал годинава, во државата се регистрирани 1.954.643 претплатници во мобилната телефонија, како и 457.763 фиксни линии. Пристап до интернет со широк опсег имаат 549.109 претплатници, а со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2G/3G/4G) – 1.615.040. Регистрирани се 441.523 претплатници на ТВ услуги.