
Се враќаат двајцата пензионирани пилоти за да му помогнат на еднствениот кој е во редовен работен однос за претстојната сезона на пожари.
Двата ер трактори се веќе сервисирани, а се очекува да завршат поправките и на третиот и така сите да бидат во функција следниот период кога на Македонија повторно и се закануваат пожарите поради високите темеператури.. Според директорот на ДЗС Стојанче Ангелов државниот протипожарен систем е далеку поспремен од минатите години. Ангелов вели дека Дирекцијата веќе бара нови кадри кои ќе ги обучи а ќе работат и за повисока плата.
„Што се однесува до „ер-тракторите, првиот е вратен, вториот треба да стигне оваа недела, додека третиот нешто подоцна бидејќи има проблем околу сервисирањето затоа што се појавија непредвидени дефекти. Воедно ќе се потпише договор со двајцата пензионирани пилоти со кои веќе сум договорен, и со едниот вработен пилот во ДЗС ќе имаме тројца пилоти што е доволно за враќање на дозволата за оперативни летови која што во моментов ја немаме“ рече Стојанче Ангелов – Директор на Дирекција за заштита и спасување.
Директорот Ангелов апелира и до локалните самоуправи колку може повеќе да вложуваат во капацитети на противпожарните бригади кои се директно вклучени во гаснењето на пожарите.
„Проблемот се јавува во помалите и економски послабите општини каде што градоначалниците кубурат со средства и тука имаме на некои места непополнет состав на ППЕ и нивната опрема е во лоша состојба, но и возилата. Владата врши притисок врз локалната самоуправа овие возила да бидат ставени во функција но се појавуваат реални проблеми бидејќи некои од нив се во реална тешко поправлива состојба “ вели Стојанче Ангелов – Директор на Дирекција за заштита и спасување.
Во следните два месеца само со посебна дозвола од надлежните ќе може да се посетуваат македонските шуми. Забраната во јули и август е поради сезоната на пожари кои ви изминатите години најчесто беа подметнува и од граѓани. Национални шуми го има олеснето процесот за издавање дозвола на сите граѓани кои сакаат рекреативно или мораат службено да посетуваат шумски региони, па оттаму апелираат до сите да си обезбедат навремено бидејќи санкциите се многу високи.
„Апелирам никој без дозвола да не движи никаде бидејќи санкциите се големи. Значи се движат од 1500 до 2000 евра а некаде се појави пожар, а некој граѓанин се затекне таму тој е потенцијален подметнувач на тој пожар“ вели Кире Михаилов – Заменик – директор на ЈП Национални шуми.
Македонија изгуби над 60 илјади хектари шума, од која добар дел беше високо стеблеста за која ќе бидат потребни децении за да се обнови. Национални шуми со амбиција годинава да посадат над милион нови садници.
Надлежните работат и на новиот закон кои ќе ги спои Дирекцијата за заштита и спасување со Центарот за управување со кризи и ќе биде систем со кои поефикасно ќе одговара на пожарите или било каква природна непогода.
Рокот кој го поставиле е крајот на годинава, за потоа преку јавни дебати директно во него интервенираат и фелата но и теренците кои директно се соочуваат со пламенитр јазици. Според Ангелов тие можат најмногу да придонесат законските измени да бидат применливи на терен.