Хроника

Албанскиот конзул ја спасил од нацистите – почина најстарата битолчанка која го преживеа Холокаустот

Во Бостон, САД, на 108-годишна возраст почина Рејчел Нахмијас, најстарата преживеана Еврејка од Битола и една од ретките членови на битолската еврејска заедница што го преживеа Холокаустот.

Во Бостон, САД, на 108-годишна возраст почина Рејчел Нахмијас, најстарата преживеана Еврејка од Битола и една од ретките членови на битолската еврејска заедница што го преживеа Холокаустот. Веста ја соопшти нејзината роднина, познатата американска ладино-пејачка Сара Ароести, која исто така потекнува од Битола.

„Како единствена преживеана од своето семејство по Холокаустот и една од само два процента Евреи кои преживеале од нејзиниот град, Битола (Манастир), таа беше инспирација за сите што ја познаваа. Таа отсекогаш беше примарна сила зад мојата работа – и во Македонија и поблиску до дома“, напиша Ароести.

Рејчел Нахмијас е родена во 1917 година во Битола. Со семејството живеела во куќа на Широк Сокак, на местото каде денес се наоѓа пицеријата „Равена“ и Регионалната канцеларија на синдикатите на Македонија.

Таа го преживеа масовното депортирање на битолските Евреи во март 1943 година, кога речиси целата еврејска заедница од Битола беше одведена во нацистичките логори на смртта (претежно Треблинка). Рејчел успеала да се спаси благодарение на албанскиот конзул во Битола, кој ден пред депортацијата ја скрил во багажникот на својот автомобил и ја однел во Албанија, каде што ја поминала војната.

„Ден пред депортацијата, албанскиот конзул, кој живеел во куќата на семејството Нахмијас кое претходно било иселено, дознал дека ќе се земат работоспособни мажи и жени, па ја известил Рејчел дека е во опасност и дека можат да ја спасат. Ја пикнал во багажникот од својот автомобил и на тој начин ја спасил, додека останатите членови од семејството завршиле во Треблинка. Преживеал и нејзиниот брат Жак, кој заминал на школување во Италија и бил вклучен во отпорот на партизаните“, раскажа Сара Ароести при нејзината посета на Битола во 2018.

По војната, Рејчел заминала во Соединетите Американски Држави, каде што живееше до крајот на животот.

Сара Ароести голем дел од своето музичко творештво го посвети токму на битолското еврејско наследство и на ладино-јазикот, често инспирирана од приказните и спомените на своите роднини, вклучително и Рејчел Нахмијас.

Со нејзината смрт, си замина една од последните живи сведоци на трагедијата на битолските Евреи и симбол на преживување и сила во најтемните времиња.

Најнови вести од: Хроника

Уапсен сопругот на починатата жена и дете – само два часа пред смртта бил пријавен за насилство

Во декември, лани, лицето било лишено од слобода откако кај него биле пронајдени 20 пакувања со дрога (марихуана и амфетамин), по што Министерството за внатрешни и работи поднело пријава до обвинителството по брза постапка, за што биле изречени мерки на претпазливост од страна на судот.

М.Р. (18) од тетовска Палатица осомничен дека испраќал лажни пораки за поставени бомби во училишта во Тетово

Со судска наредба е извршен претрес во неговиот дом во селото, при што се одземени повеќе електронски уреди. соопшти полицијата. Полицијата го уапси и му подготвува кривична пријава

Дали извршил уште 5 убиства овчарот Т.Б (25), веќе осомничен дека е сериски убиец и силувач на жени од Кумановско?! Видео)

Уште пет смртни случаи на повозрасни жени и еден обид за убиство се испитуваат од истражните органи, за да се види дали се дело на осомничениот дека е сериски убиец во кумановско Старо Нагоричане, за кого засега има сериозни укажувања оти извршил најмалку две убиства и еден физички напад врз постара жена во кумановското село Челопек, објави ТВ Телма, повикувајќи се на извори блиски на истрагата.

To top