Вториот противник на Македонија на 17. Европско првенство, ракометната репрезентација на Португалија, потешко од очекувањата ја совлада Романија со 40:34 во првиот натпревар од групата Б во Хернинг.
Четвртата селекција на ланското Светско првенство се чинеше дека го реши прашањето за победникот уште во првото полувреме, кое го доби со 23:15, но во второто им дозволи на Романците целосно да се вратат и во 47. минута дури и да израмнат на 24:24 (!), пред завршницата да му припадне на фаворитот. А во неа се влезе само со 27:26 за Португалија во 51. минута…
Браќата Кошта повторно беа ударна игла во португалскиот тим, при што десниот бек Франсиско постигна 9 гола од 13 обиди, а веднаш по него по ефикасноста беше средниот бек Мартим со 7/10.
Португалците и избраниците на селекторот Кирил Лазаров, кои во другиот меч од групата му излегуваат на мегдан на соорганизаторот, светски и олимписки првак и прв фаворит за европското злато Данска, ќе се сретнат во второто коло в недела од 18 часот.