Малинка Валкова, меѓународна аналитичарка од Бугарија, пред тамошната телевизија Евроком излезе со „хипотеза“ зошто Македонија се противи на впишувањето Бугари во Уставот.
Според Валкова отпорот на Скопје се должи на фактот дека Бугарите веќе претставувале значителен дел од населението. Во 2025 година, објаснува таа, бугарското Министерство за внатрешни работи објави статистика според која 217.000 македонски граѓани стекнале бугарско државјанство.
„Но, тука има една квака – внимавајте, тие го стекнале тоа“, нагласува Валкова, додавајќи дека статистиката не ги вклучува децата на овие луѓе кои директно се раѓаат како бугарски граѓани и наведува дека точната бројка е над 300.000 граѓани на Македонија со бугарско државјанство.
„Со население од околу 1,8 милиони луѓе, овие 300.000 претставуваат приближно 1/6 или околу 16 проценти од граѓаните на нашиот југозападен сосед“, вели таа.
Валкова објаснува дека доколку Бугарите бидат регистрирани како државотворен народ, тоа би довело до обврска да им се обезбедат квотни места во државната администрација и во институциите, слично на албанското малцинство, кое е околу 25 отсто од населението.
„Разбирате ли дека во одреден момент би можело да се дојде до хипотеза во која Македонците би биле малцинство во сопствената земја, бидејќи Бугарите и Албанците би биле побројни од нив?“, реторички прашува аналитичарката.
Покрај тоа, бугарскиот јазик ќе треба да стане службен во институциите, како албанскиот, додава Валкова.