Македонија

Професорката Ристова Астеруд анализира зошто Македонија како Косово и Албанија не е дел од Одборот за мир на Трамп

Македонија не е членка на Организацијата на исламскиот свет (ОИС)

Професорката на правниот факултет Каролина Ристова Астеруд објавува  зошто Македонија за разлика од Косово и Албанија не е дел од Одборот за мир на Трамп кој е замислен како алтернатива на Обединетите нации.

Според неа причините се во тоа што се работи за муслимански држави кои имаат признавање со Израел а своите амбасади на барање на Трамп ги префрлија во Ерусалим.

Франција, Шведска, Норвешка и Шпанија се меѓу земјите кои јавно ја одбија поканата за членство.

Според Белата куќа, покана за членство била испратена до 60-ина држави, од кои околу 35 прифатиле. На потпишувањето на повелбата на Одборот за мир присуствуваа 19 држави, меѓу кои и Косово, Бугарија, Турција, Саудиска Арабија и Пакистан. Русија најави дека ќе уплати милијарда долари за членство во Одборот, барајќи за тоа да се искористат замрзнатите руски средства во САД.

Шефот на Европскиот совет, Антонио Коста, рече дека европските лидери имаат сериозни сомнежи во врска со некои елементи на Одборот, но се подготвени да соработуваат со него. Ова тело првично требаше да се фокусира на Газа, но Трамп кажа дека би можел да има поширока улога и да решава конфликти низ светот.

Според Ристова Астеруд чија анализа ја објавуваме има три клучни причини  за непоканување на Македонија во проектот на Трамп.

 

Целата анализа на Ристова Астеруд:

КАКО И ЗОШТО БАШ АЛБАНИЈА И КОСОВО ВО ОДБОРОТ ЗА МИР, А МАКЕДОНИЈА НЕ?

КЛУЧНИ ЗБОРОВИ: ОРГАНИЗАЦИЈА ЗА ИСЛАМСКА СОРАБОТКА, ВЗАЕМНО ПРИЗНАВАЊЕ НА ДВЕ “МУСЛИМАНСКИ” ДРЖАВИ СО ИЗРАЕЛ, АМБАСАДА НА КОСОВО ВО ЕРУСАЛЕМ

 

Ети ти сега, нова драмолетка, зошто не сме биле и ние во Одборот за мир на Трамп. Па повторно на најјако дека непоканетоста е наводно само уште еден доказ дека не сме во “периметарот”, па ништо од “стратешкото партнерство” со САД, ма лажеле овие-оние.

Ама навистина? А да не бидете толку површни и мрзливи, па барем по овој повод да видевте или да се потсетевте на што точно се однесува стратешкото партнерство со САД, а? Нешто билатералка наша со САД, за нас и за наши интереси, одбрамбени и други? Ма само вие си знаете како во таа и таква содржина на стратешкото партнерство се вклопува фамозниот Одбор за мир. Баш ме интересира, се надевам ќе биде појаснато и подебело аргументирано.

 

Ама, навистина, како тоа Албанија и Косово со покана, а ние не? За тоа, нормално, муабетите и “анализите” сведени на строго комшиски и локални логики и на уште полокални периметри, а потоа најпретенциозно проектирани за белосветски. Згора на тоа, за некои подкастери тоа да ти било доказ дека овие две земји се “пред нас”, ма “не’ престасале”, ма и голем “триумф за косовската дипломатија”, па, па, па. Ич да не отвараме муабет во што навистина не сме им во конкуренција, нити ние, ниту било кој во регионот, но и пошироко. А и скраја да сме.

Секако, сето ова во голем и индикативен контраст со многу гласната ќутенка од пред само една недела по прашањето за тоа кои земји од балканскиов ни регион котираат со највисоки проценти на имиграција која е “обесена”, а богами и краде и мами од социјалните фондови на САД. Да не беа горенаведените две? А Македонија со многу понизок, не дека и таа е за фалење, а скраја да почнеме и со внатрешни “рамковни” анализи и дали тоа фантастичните 60% на Косово не се релевантни и индикативни и за во “нашиот” удел, по најгордите и најекстремни варијанти на трибални лојалности за кои не важи ниеден закон, скраја европски и секуларен. А и како што рече еден висок државен функционер на САД , “да не си мислите дека и тука ќе ви дозволиме да се однесувате спрема јавните пари на ист начин како во земјите од каде доаѓате”, ма ич одма да не препознаеш како тоа локални измами во здравството, на пример, можеле , ете, да емигрираат и преку барата. Ова чисто онака, за убаво да се идентификуваат матриците зад нарациите, па мотивите, а и цел куп други работи.

 

Но, за сериозно, како да се објасни “успехот на косовската дипломатија”, како што би рекле некои од подкастерите?

Еве како, први три клучни зборови : Организација на исламскиот свет (ОИС). Основана во 1969 година, со цел да биде “колективен глас на муслиманскиот свет” и со мото “да се заштитат интересите на муслиманите и да се обезбеди прогрес и благосостојба на муслиманите”. Седиштето е во Џеда, Саудиска Арабија, а истата брои 57 држави-членки со речиси две милијарди од светското население. Секако, огромниот дел од членките се држави со муслимански мнозинства (огромни и тоа), официјално исламски теократии или тоа по преовладувачки суштини , минимум со исламот како клучен формативен фактор за културниот и политичкиот идентитет, со сеʼ што тоа подразбира и како бајаги релевантно за фамозниот Одбор за мир. Секако “ Палестинската држава” е признаена и примена за држава-членка, ич муабет, тоа се подразбира, а упатно е и да се види колку ОИС везден плете-везе за неа.

 

Нема да откривам топла вода со тоа што ќе посочам дека Европа НЕ Е со таков идентитет, со исклучок на два ноторни случаи на успешно “деевропеизирани” и исламизирани/муслиманизирани Европјани во времето на освојувањата и колонизацијата на Османлискиот исламски калифат во нашите краишта: огромното мнозинството на Албанците и Бошњаците. Следствено, ниту една европска држава не членува во ОИС, освен Албанија (полноправна членка од 1992 година) и БиХ (статус на посматрач од 1994 година). Косово нема таков формален статус во ОИС, иако одржуваат блиски врски и соработка, а и таа нивна организацирана лоби-мрежа бајаги им се нашла во битката за меѓународно признавање, како и за зачленување во меѓународни организации и институции, сосе и за во Интерпол. Но, засега, Косоварите си пресметале дека попаметно им е да не играат премногу на тој и таков свој идентитет и вмреженост, токму заради битката за меѓународното признавање на својата државност надвор од друштвото на ОИС. Па нели има и “каурски” држави по светот, сосе, како за белја, баш во Европа, каде и они самите се географски лоцирани.

 

Што друго е исто толку релевантно ? Втор круг на клучни зборови: Албанија, Косово, взаемно признавање со Израел. Без “Абрахамови” и други драмолетки од преговори и договори. Каква симболика! Ете, “муслимански” држави , а се фино-убаво со Израел. Јаготката на шлагот – амбасадата на Косово во Израел се наоѓа во главниот град Ерусалем, а не во Тел Авив. Нели се убав пример за следење од другите во тоа друштвото им на ОИС?

Што ако ги разлутија тоа браќата од ОИС, не дека тие не си кажаа. Косово може да си го дозволи тоа, и не само заради Амери како грб за таквиот потег. Погледнато од аспект на агендите на ОИС спрема/против Европа и Западот во умислената им (ку-ку) “долга игра”, Косово како евро држава, ма макар и како мало државиче, но со мнозински муслимански идентитет, има бајаги голема симболична и пропагандна вредност за “каузата”. А и како “ставена нога во Европа”, од државен тип и тоа, па уште заедно со Албанија како нивна ОИС- членка. Така да, што и да прават што не е по “колективниот глас на муслиманите”, на ОИС засега не им одговара да се откажат од ваквите “недвижности” на јужната порта на Европа, таман работа, на толку векови претходно што морало да се мачат со вистински армии . Тоа за понатаму како ќе ги постројат, а и како оди индоктринацијата на терен, може и ќе им се исплати трпеливоста. А може и не, оти, кај и да е, ќе се покрене Европа, еве ја, и текна конечно нешто да вежба суверенитет. На Гренланд, додуша, на толку милиони што и влегуваат, нит прашуваат, нит кажуваат, а и што сеʼ не прават, ама така обично тоа бива.

Но, засега, за во дадениот контекст и за во тој фамозен Одбор, наредено за сите, барем сите така си мислат во своите почетни позиции.

 

Се на се’, тоа е објаснувањето зошто Албанија и Косово се поканети, а не се држави со географска или геополитичка гравитација таму, не се држави -членки на ЕУ, не се со пари за давање, не се големи играчи , не се со свој дипломат- преговарач (Бугарија), не се лични другарчиња или симпатии на Трамп итн. Они си се таму поради нивната уникатна употребна вредност за зададениот проект и за во дадениот контекст. За во други контексти, друг муабет.

 

Така да, нема зошто Македонија да се потресува за покани за во Одборот. Оставете го тоа , еве на БиХ, евентуално некои таму ако сакаат да се напнуваат за тоа, ако толку им сече и ним.

Најнови вести од: Македонија

To top