Сојузот на синдикати на Македонија ја реализира втората од најавените три блокади, овојпат пред седиштето на Стопанската комора. Синдикалците испратија јасен ултиматум до работодавачите – минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за 6 000 денари. Работниците од пред зградата на Стопанската комора упатија порака до работодавачите да ги прифатат нивните барања и да ја задолжат Владата да ги субвенционира придонесите.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека протестираат пред газдите на компании кои „избркаа цели наши семејства во странство“.
- „Тука сме кај истите оние газди кои одбиваат да ги зголемат платите. Владата веќе кажа дека се договорила со своите вработени, па сега ги остава газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Синдикалците и денеска, како и во вторникот пред зградата на Собранието, протестираа на две локации на кои имаше по 21 работник. Тој вели дека ова е направено намерно за да се испочитува Законот за јавни собири, но и за да се заштитат работниците од евентуални притисоци и фотографирање од страна на работодавачите.
- „Сите притисоци кои се обидуваат да ги направат нема да нѐ откажат“, рече Трендафилов.
Присутните побараа од работодавачите да се откажат од дел од сопствениот профит за да им овозможат на работниците достоинствен живот со зголемување на платите.

Иван Пешевски од ССМ додаде дека условите во приватниот сектор се „мизерни“ и повеќе наликуваат на социјална помош отколку на достоинствена заработка. Синдикатот бара газдите да се откажат од дел од својот профит за да го подобрат стандардот на вработените, предлагајќи Владата да помогне преку субвенционирање на придонесите.
- „Доколку не се одважат и газдите дел од колачот да го дадат на вработените, коишто им го овозможиле во минатото тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади, со шатори, и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече Пешевски.
Тој рече дека секое седнување на маса со претставниците од приватниот сектор, кои се претставуваат како големи газди и работодавачи, не е социјален дијалог кој доведува до унапредување на работничките права и плати. Тие, вели Пешевски, се обидуваат да го скратат сè што синдикатот обезбедил во минатото како единствен репрезентативен синдикат при Сојузот на синдикати на Македонија во приватниот сектор.
Од ССМ велат дека идната недела ќе излезат на блокади пред Владата. Протестот е најавен за вторник, кога се одржуваат и владините седници. Оттаму велат дека доколку ваквите активности на синдикатот не резултираат со позитивен исход, најавен е уште еден протест, кој ќе биде организиран во неработен ден за да му се даде можност на секој работник што сака да присуствува, како и организирање генерален штрајк.