Бизнис

Има начин како Македонците да не плаќаат роаминг со ЕУ

До јули годинава треба да се донесат и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации

Со измени на Законот за електронски комуникации, што се поставени за расправа на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) државава ги пренесува во домашното законодавство потребните европски регулативи со што ќе може да се приклучи кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија. Со тоа ќе им се овозможи на граѓаните и бизнисите да користат мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни роаминг трошоци, како да се дома.

За законските измени чиј носител е Министерството за дигитална трансформација, на ЕНЕР може да се достават коментари уште четири дена.

Со законот треба да се воспостават јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите со што, стои во нацрт врзијата, ќе се овозможи зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации. Целта е да се овозможи укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски минатиот месец во телевизиско интервју рече дека мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски до февруари и оти останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ.

Покрај пренесувањето на четири регулативи во Законот за електронски комуникации преку измената што е во нацрт верзија до јули годинава треба да се донесат и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.

Државава е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан (ЗБ) од 1 јуни 2021 година. Граѓаните имаат можност да користат мобилни комуникациски услуги во земјите од ЗБ под исти услови како и во домашните мрежи, без дополнителни трошоци за роаминг. И покрај овој напредок на регионално ниво, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно регулиран согласно европските стандарди.

Европската комисија на Лидерскиот самит со земјите од Западен Балкан за Планот за раст одржан на 30 јуни и 1 јули 2025 година формално извести дека ќе започне постапка за изнаоѓање правно решение со кое ќе се овозможи земјите од регионот да пристапат кон инцијативата за „Роаминг како дома“.

Во август 2025 година Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Иницијативата на Европската комисија за укинување на роаминг трошоците со земјите од Европската Унија, како дел од Планот за раст на Европската Унија за земјите од Западен Балкан, со Акциски план за усогласување со европското законодавство за роаминг и прилози. Согласно акцискиот план се задолжи Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Агенцијата за електронските комуникации да го спроведе Акцискиот план во кој е утврдено дека најдоцна до 22 декември 2025 година да се изработи и до Владата да се достави детална анализа на правната празнина (GAP analysis) меѓу националното законодавство и релевантните регулативи на Европската Унија, и најдоцна до април 2026 година да изработи законски/подзаконски акти врз основа на деталната анализа, јавува Нова Македонија.

Најнови вести од: Бизнис

Хуманоста како традиција: „АЛКАЛОИД“ со нова донација за здравјето на најмладите

Од првиот Хуманитарен пикник до денес собрани се близу 14 милиони денари наменети за поддршка на здравствени установи, хуманитарни и граѓански организации, деца, лица со ретки болести, ранливи категории и лица од третото доба, како и за иницијативи за заштита на животната средина

Мицковски: Со завршувањето на проектот за антимон ќе ја зголемиме важноста на Македонија и економскиот стандард

Тој се повикува и на првичните извештаи за резервите, според кои, како што наведува, тие би можеле да бидат значително поголеми од збирните резерви на двете водечки земји во светот во производството на антимон

Хрватска е првата земја што најде решение за македонските транспортери

Хрватска е првата земја што најде решение за македонските превозници. Од 23 септември оваа земја треба да почне да прима барања за долгорочни визи. Ова го најави Билјана Муратовска од Макам-транс. Во другите земји сè уште важи старото правило, возачите можат да бидат во Шенген најмногу 90 дена во период од 180 дена.

To top