Министерството за надворешни работи и надворешна трговија синоќа соопшти дека македонската амбасада во Абу Даби во координација со властите во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на чартер летови за евакуација на македонските државјани.
Повикани се сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а кои досега не се пријавиле, во најкраток рок да се пријават на телефонскиот број +971 56 441 7532 или на е-пошта: abudabi@mfa.gov.mk.
- „Безбедноста на македонските државјани останува наш највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за сите понатамошни чекори и услови за безбедна реализација на евакуацијата“, соопшти МНР.
Според податоците на МНР до скоро 473 македонски државјани побарале помош или информации преку претставништвата во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин. Има дел македонски државјани кои се двоумат дали да се вратат.
Аргументите се различни – од тоа дека во земјите каде престојуваат засега се чувствуваат безбедно, до образложенија дека не би сакале да ги остават работните места за кои вложиле напор да ги добијат. Делумно финансирани операции Евакуацијата е во фокусот на земјите во ЕУ, кои ќе имаат и делумно финансирани операции за репатријација од кризните подрачја.
- „ЕУ почна да им помага на земјите-членки да евакуираат дел од нивните граѓани кои се заглавени на Блискиот Исток“, изјави за АФП еврокомесарката за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи, Хаџа Лабиб.