Според Попов, државните институции треба да вложат поголеми усилби за спроведување на Законот за македонскиот јазик. „Потребно е и воспоставувањето на правилна употреба на македонскиот јазик како официјален јазик за меѓусебно разбирање на сите граѓани на државата, согласно со општоприфатените меѓународни прописи во светот и во ЕУ.“ – рече првиот шовек на МАНУ.
Во однос на евроинтегративните процеси, Попов рече дека тие се целосно блокирани со ирационалниот спор со нашите соседи. – Потпишаниот воено-политички стратегиски договор со САД, битното подобрување на односите со американската администрација предвидена од претседателот Трамп, во секој случај, е нешто многу позитивно. Одличен избор е и нашиот стратегиски договор со Велика Британија. Сето тоа кај поголемиот дел од македонскиот народ влева надеж дека може да се добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и подобрувањето на релациите со Брисел. Во она што може да следува како сценарио, нашата мала земја нема да може да се справи сама, затоа и се потребни силни стратегиски партнери – рече Попов.
Според него, европскиот пат е нашата единствена вистинска права и реална опција. – Пред сè, сме Европејци, а ЕУ е свесна дека европскиот континент никогаш нема да биде комплетен без Западен Балкан. Урсула фон дер Лаен изјави дека „заслугите на земјите кандидатки го одредуваат пристапувањето кон ЕУ“. Но, дали е така? Овој принцип и очекувана шанса нè чини, нас, повозрасните, половина живот исчекување и опстојување на маргините на ЕУ. Нашите стратегиски партнери треба да ѝ помогнат на Македонија поскоро да го заврши интегративниот процес, нагласи претседателот на МАНУ.