Тропа ли кризата се повеќе во Европа. Па така, веќе следниот месец би можела да се соочи со недостиг на горива поради продлабочувањето на кризата на Блискиот Исток, предупредува извршниот директор на компанијата „Шел“, Ваел Саван. Според него, глобалниот недостиг на нафта и гас веќе принудило некои делови од Азија да ја намалат потрошувачката на енергија, како и дека последиците се закануваат да се прошират кон Европа во следниот период.
Поради тоа, како што пишува британски „Телеграф“, европските влади би можеле да бидат принудени да ја ограничат потрошувачката на енергија, мерка што не е преземена од енергетската криза во 2022 година.
Откако Иран го затвори Ормускиот Теснец, во Персискиот Залив е блокирана околу една петтина од светските резерви на нафта и течен природен гас. Воени извори за „Телеграф“ изјавија дека Обединетото Кралство ги предводи напорите за повторно отворање на клучната трговска рута, а се разгледува и можноста за користење беспилотни летала за уништување мини.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува за евентуална копнена инвазија на клучните острови покрај иранскиот брег, иако вчера изјави дека продолжуваат мировните преговори со Техеран.
Извори за „Телеграф“ изјавија дека потпретседателот Џеј-Ди Венс ја презема улогата на преговарач бидејќи Иран одбива да разговара со претставниците на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Меѓународната агенција за енергетика ги повика земјите да ја намалат потрошувачката на енергија, вклучително и повеќе работа од дома, помала брзина на сообраќајот и поголема употреба на јавниот превоз. Во Азија, некои земји веќе воведоа четиридневна работна недела, ја ограничија употребата на климатизација и ги откажаа службените патувања.