Бизнис

Какви мерки предлагаат експертите во однос на енергетска криза?!

Зголемувањето на инфлацијата е неизбежно, со оглед на тоа дека кризата на Блиски Исток има трипати поголем потенцијал од онаа која произлезе од војната во Украина – оценка на економските експерти. Советуваат подобра координација на фискалната и монетарната политика, зголемување на каматната стапка при заострување на состојбата, поддршка на ранливите категории граѓани и на бизнисот за одржување на ликвидноста.

Кризата со нафта може да ја погоди Македонија со нов инфлаторен бран. Експертите предлагаат помош за најранливите категории, да се намали товарот од акцизи, антимонополска контрола и инспекциски надзор. Македонија ќе биде ранлива ако продолжи кризата и потрае војната во Заливот. Во претходната енергетска криза земјата ја имаше највисоката стапка на инфлација во регионот, а поради големата увозна зависност ризикот од нови ценовни шокови е значително висок.

Поради кризата на Блискиот исток, која трае веќе неколку недели, се очекува натамошен раст на цената на храната, бидејќи речиси една третина од глобалната трговија со ѓубрива поминува преку Персискиот Залив. Економските експерти предлагаат Владата да обезбеди дополнителна поддршка за ранливите категории граѓани, да го намали товарот од акцизи и да ја засили антимонополската контрола и инспекцискиот надзор.

На тркалезната маса „Улогата на пазарот и државата во управувањето со ограничените ресурси“, експертите оценија дека нов инфлаторен бран е неизбежен. Иако не се очекува нагло зголемување, инфлацијата ќе продолжи со ползечка динамика. Неизвесноста ја отежнува и проценката за економскиот раст.

Академик Таки Фити смета дека намалувањето на акцизата би имало директен ефект врз цената на нафтените деривати. Според него, потребно е да се засили антимонополската контрола, бидејќи дел од компаниите под изговор на глобалниот раст на цените ги зголемуваат сопствените производни цени.

Фити вели дека, ако кризата продолжи, ќе бидат неопходни ребаланс на буџетот, штедење и максимално намалување на непродуктивните трошоци. Тој оцени дека цената на нафтата нема брзо да опаѓа, а за уништената инфраструктура за нафта и гас во Катар и Иран ќе бидат потребни месеци за обновување.

Професорот Ванчо Узунов смета дека мерките на Владата се задоцнети и недоволни, особено во услови кога цената на дизелот веќе предизвика раст на трошоците во повеќето сектори.

„Најранливите категории се веќе осиромашени, а дел од граѓаните кои не биле под линијата на сиромаштија наскоро може да се најдат таму“, предупреди Узунов. Тој бара селективни мерки и јасен план, а не, како што рече, пораки „не се секирајте, следиме“. Според него, инфлацијата во земјата стана хронична и државата не презема доволно за да го сопре трендот.

Професорот Борче Треновски предупредува дека секоја антикризна мерка има финансиски товар: „Каква мерка и да преземете, некој мора да го плати трошокот, или државата преку даноците на сите граѓани или бизнисот, преку зголемување на нивните цени или граѓаните со намалување на нивниот стандард“, вели тој. Според професорот, најдобро сценарио е секој да учествува во својот дел и секој да понесе дел од ризикот во кој се наоѓаме. Тој повикува на внимателно користење на јавните средства и ефикасна држава и пазар. Неизвесноста околу цените на енергенсите, каматните стапки и европскиот раст ја отежнуваат секоја економска проекција.

Најнови вести од: Бизнис

Летните патувања поскапуваат – лоши вести за патниците околу новата цена на авионските билети

Иако некои аналитичари и претставници од туристичката индустрија, како што е директорот на TUI, Себастијан Ебел, не очекуваат поголеми нарушувања во наредните месеци, патниците треба да се подготват за промена на ценовниците пред почетокот на шпицот на летната сезона.

Кои економии растат најбрзо во 2026 – при врвот соседот на Македонија

Некои економии од Централна и Источна Европа сè уште ги чекаат своите објавувања за првиот квартал, вклучувајќи ги Полска и Хрватска, кои двете забележаа силен раст во четвртиот квартал. ING очекува полскиот БДП да порасне од 3,6% до 3,8% на годишно ниво во првиот квартал од 2026 година, со прогноза за раст од 3,7% за целата година, што е далеку над траекторијата на еврозоната. Засега, мапата на европскиот раст во 2026 година се прецртува околу јужната и источната периферија, наместо околу традиционалното индустриско срце на блокот. 

Економските политики внимателно да го следат развојот на енергетските пазари, велат експертите

Инвестициите, особено инфраструктурните, придонесуваат за економски раст, но потребни се и подлабоки структурни реформи, сметаат економистите. Компаниите исто така мора да се модернизираат и да ја зголемат својата конкурентност.

(Фото): „Реплек“ и Економскиот факултет со дебата за иднината на бизнисот

Како компаниите создаваат конкурентска предност во време на брзи технолошки и пазарни промени, каква улога имаат иновациите, организациската култура и корпоративното претприемништво во процесот на трансформација, како и колку е важна соработката помеѓу бизнисот и академската заедница – беа главните теми на конференцијата „Што ги движи иновативните компании?“, на која од бизнис, истражувачка и академска перспектива се разговараше за корпоративното претприемништво во услови на пазарна трансформација.

To top