Селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, не го криеше разочарувањето по тешкиот пораз од Данска со 4:0 во Копенхаген, иако по првото полувреме резултатот беше 0:0.
„Честитки за данската репрезентација за заслужената победа“, започна Седлоски. „Задоволен сум од првото полувреме, но ни се случи ран гол во второто полувреме, откако им реков на фудбалерите да се обидеме да излеземе понапред и да се надигруваме. Ни се распадна системот и Данците покажаа моќ. Стравував од играта по страните и тој страв беше оправдан. Имавме проблем со придодавање на данските бекови и не успеавме да се одбраниме. Треба да разговараме со фудбалерите за тој пад и трите гола во десет минути.“
Само четири минути по паузата, Данците го отворија резултатот преку Микел Дансгард. Во 58. и 59. минута, Густав Исаксен со два брзи гола ја запечати судбината на Македонија, а во 75. минута Кристијан Ериксен погоди директно од корнер, но Кристијан Нордгард му го „украде“ голот, сместувајќи ја топката во мрежата од самата гол-линија.
Седлоски призна дека ставил во игра фудбалери кои се стандардни во своите клубови и дека верувал во нив, но сега смета дека ќе мора да има промени во тимот.
„Сега не сакам да анализарам, жешки се главите, но сигурно дека во иднина ќе има промени во тимот. Сигурно дека проблемот е и во главата, не треба да паѓа концентрација. Примаш гол и за десет минути добиваш уште три во мрежата. Сепак, треба да кажам дека Данска постојано те меле. Во првиот дел дозволивме само удари од далечина, но моравме да издржиме подолго. Сите сме тажни, им благодарам на навивачите кои ни дадоа поддршка и верувам дека во иднина ќе ги израдуваме“, изјави Седлоски.
Македонија сега ја очекува голема анализа на настапот, а потоа и пријателски меч со Ирска во Даблин во вторник.