Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати остри критики кон американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека неговите постапки во врска со конфликтот во Иран претставуваат „огромна ескалација“, а не обид за мирно решение.
На конференцијата на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Мерц изрази сериозен сомнеж дека целта на Вашингтон е промена на режимот во Техеран.
„Она што Трамп го прави во моментов не е изнаоѓање мирно решение, туку ескалација со неизвесен исход. Ако целта е смена на режимот, не верувам дека ќе ја постигнат, бидејќи таквите обиди во минатото најчесто пропаѓаа“, нагласи германскиот канцелар.
Тензиите меѓу Вашингтон и Берлин значително се зголемија откако Трамп ја критикуваше Германија поради нејзиното одбивање да помогне во обезбедувањето на Ормутскиот теснец. Американскиот претседател ги оцени како „неумесни“ изјавите на германските претставници дека конфликтот во Иран „не е нивна војна“.
Слични ставови во последните денови, покрај канцеларот Мерц, изнесоа и министерот за одбрана Борис Писториус, како и вицеканцеларот Ларс Клингбајл.