Свет

Трамп вели дека сака да ја земе иранска нафта

Да бидам искрен, мојот омилен избор би бил да ја земам нафтата во Иран, но некои глупави луѓе во Соединетите Држави велат: „Зошто го правите ова?“ Но, тие се глупави луѓе“, изјави американскиот претседател

 

Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Фајненшл тајмс“ (FT) објавено синоќа изјави дека сака да „ја земе нафтата во Иран“ и дека американските сили би можеле да го преземат островот Харг, центарот на извозот на нафта во Иран.

„Да бидам искрен, мојот омилен избор би бил да ја земам нафтата во Иран, но некои глупави луѓе во Соединетите Држави велат: „Зошто го правите ова?“ Но, тие се глупави луѓе“, изјави американскиот претседател за „Financial Times“.

Овој потег би можел да значи преземање на Харг, сигнализираше Трамп. „Можеби ќе го земеме островот Харг, можеби и не. Имаме многу опции“, рече Трамп во интервјуто, нагласувајќи дека неговото преземање би значело и дека американските сили ќе останат на островот долгорочно, пренесе Би-Би-Си.

Запрашан за иранските одбранбени сили на островот, американскиот претседател рече дека мисли дека „тие немаат никаква одбрана“.

„Можеме многу лесно да го земеме (Харг)“, рече Трамп. Коментарите на претседателот дојдоа откако уште 3.500 американски војници пристигнаа на Блискиот Исток, поради растечките стравувања дека понатамошната ескалација би можела да ги изложи американските сили на ирански напади.

Трамп додаде дека индиректните разговори меѓу САД и Иран преку пакистански „емисари“ напредуваат добро, но одби да коментира дали е можен непосреден прекин на огнот.

„Договор може да се постигне доста брзо“, рече американскиот претседател во интервју, според извештајот на Би-Би-Си.

Веќе во средината на март, американските сили извршија голем напад врз Харг, погодувајќи над 90 ирански воени цели, објави во тоа време Централната команда на САД (CENTCOM).

Островот е на околу 500 километри северозападно од Ормутскиот теснец и е дом на најголемиот нафтен терминал во Иран, преку кој Техеран извезува 90 проценти од својата нафта.

Најнови вести од: Свет

Куба ќе се брани ако биде нападната од САД

Куба ќе го искористи своето право на самоодбрана во случај на напад од страна на Соединетите Американски Држави (САД), објави вчера кубанското Министерство за надворешни работи, пренесе германската новинска агенција ДПА. „Антикубанската кампања насочена кон оправдување, без никаква паричина, на воен напад врз Куба се интензивира секој час, со сè повеќе неубедливи обвинувања. САД се […]

Европа мора да постави трговска политика со Кина, предупредување од директорот на Институтот за германска економија

Ваквата ситуација се однесува и на трговските ограничувања, критично прашање за извозно ориентираната германска економија. Хитер оцени дека Европа мора да ја води својата трговска политика со поголема самодоверба.

To top